Скопското јавно обвинителство ги отфрли кривичните пријави против новинарот Бранко Тричковски од претседателот на Македонија Ѓорге Иванов за Убиство на претставници од највисоките државни органи од член 309 од Кривичниот законик и Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга дискриминаторска основа од член 319 од КЗ и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за Загрозување на сигурноста под член 144 од Законикот.
Но, ова обвинителство наведува: „Анализирајќи го предметот во целост, јавниот обвинител констатира дека слободата на изразување не е апсолутно право и дека пријавениот во изразувањето на своето мислење не ја негувал културата на говорот и етиката, па со тоа ги повредил честа и угледот на споменатите политичари“.
За САКАМДАКАЖАМ.МК од ОЈО Скопје велат дека написите во колумна на авторот Тричковски, но и неговите Фејсбук статуси, не упатуваат на наведените кривични дела за кои обвинителството би постапило по службена должност, туку се со клеветничка содржина и упатуваат на навреда.
„Тоа е основ за граѓанска штета, а не за кривична одговорност“, прецизираат од Обвинителството.
„Јавниот обвинител ја анализираше објавената колумна на пријавениот, како и неговите објави на една социјална мрежа кои беа предмет на известувањето доставено од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР. Заради оцена на наводите во кривичната пријава, пријавениот беше повикан на распит во ОЈО Скопје. По проучување на сите елементи, јавниот обвинител оцени дека пријавените дела не се дела за кои се гони по службена должност, односно дека во пријавените предметни настани не се содржани суштествените обележја на пријавените кривични дела“, наведува ОЈО Скопје.
Јавниот обвинител при донесување на одлуката, се водеше од праксата на Европскиот суд на човекови права и обврската да се обезбеди заштита на слободата на говорот во демократско општество, особено имајќи го предвид тоа што пријавениот во овој предмет е новинар, а оштетените се политичари. Пресудите на Европскиот суд, наведува Обвинителството, упатуваат на фактот дека иако политичарите имаат право на еднаква заштита како и сите други, границите за новинарите се пошироки за изнесување на критицизам и мора да се избалансирани со јавниот интерес за отворена дискусија во однос на политички прашања. Тричковски пред јавниот обвинител изјавил дека никогаш немал вистинска намера да изврши кривично дело, туку со изнесените ставови само сакал да апелира кон наведените политичари да го променат своето однесување.
С. К. ДЕЛЕВСКА