Кина објави дека успешно спуштила летало на подалечната страна на Месечината, што се први таков обид и слетување од страна на човекот.
Беспилотното летало „Чанг‘е 4“ се спуштило во базенот наречен Јужен Пол-Ејткин во 10.26 часот по кинеско време и веднаш испрати први фотографии. Сондата носи инструменти кои ќе ја анализираат геологијата на регионот и ќе спроведе биолошки експерименти.
Изминативе години имаше голем број мисии кон Месечината, но последното спуштање го изведе „Аполо 17“ во 1972 година. Исто така, сите досегашни мисии биле на страната свртена кон Земјата.
„Ова е првпат Кина да изведе нешто што досега не го направиле останатите земји кои ја истражуваат вселената“, изјави астрономот Је Канџи.
Сондата „Чанг‘е 4“ беше лансирана од центарот за лансирање сателити во Шјичанг на 7 декември и во орбитата на Месечината влезе пет дена подоцна. Таа ќе го истражува кратерот Фон Карман, што се наоѓа во многу поголемиот базен Јужен Пол-Ејткин.
„Оваа голема структура има дијаметар од над 2.500 километри и е длабока 13 километри. Тоа е еден од најголемите кратери во Сончевиот систем и најголем, најдлабок и најстар на Месечината“, изјави Ендрју Коутс, професор по астрономија од Вселенската научна лабораторија „Мулард“ во Сареј.