ВО ГРАДИНКАТА „МИНИ ФИНИ БУЏЕТЧИЊА“ ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ИМА 50 ДЕЦА, ЗАБРАНАТА ЗА ПРИЕМ НА НЕВАКЦИНИРАНИ ВАЖИ И ЗА НИВ

    ВО ГРАДИНКАТА „МИНИ ФИНИ БУЏЕТЧИЊА“ ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ИМА 50 ДЕЦА, ЗАБРАНАТА ЗА ПРИЕМ НА НЕВАКЦИНИРАНИ ВАЖИ И ЗА НИВГрадинката „Мини фини буџетчиња“ за вработените во Министерството за финансии ја отвори на 17 октомври 2015 тогашниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески заедно со тогашниот министер за труд и социјална политика Диме Спасов (Фото: архивска фотографија)

    Државниот санитарен инспекторат доцна синоќа испратил решенија до 21 јавна установа за згрижување деца во предшколска возраст и до пет приватни градинки дека е забрането да примаат деца кои не се вакцинирани со вакцината за морбили, рубеола и паротит. Меѓу оние кои добиле вакво известување е и  градинката „Mини фини буџетчиња“, што во октомври 2015 ја отвори Министерството за финансии за згрижување на децата на своите вработени. Од Министерство велат дека во градинката има згрижено 50 деца, но дека во моментов не знаат дали меѓу нив има и невакцинирани.

    „Поради подготовките за прес-конференцијата не стигнав да се информирам дали има деца со морбили во оваа градинка овде. Моите деца одат во јавна градинка, не во оваа и да, вакцинирани се”, рече денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.

    Градинката, прва од ваков вид во земјава, има капацитет за прием на 40 деца, односно има две групи, една за деца од 2 до 4 години и втората за деца од 4 до 6 години. За отворање на градинката беа потрошени 5,6 милиони денари (околу 100 илјади евра), а беше отворена во мандатот на вицепремиерот и министер за финансии во владата на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Ставрески.

    „Доцна синоќа известени се директорите на сите детски градинки на територија на Скопје, како јавни така и приватни, дека стапува на сила забраната за прием на невакцинирани деца. За да не се разбере погрешно дека на територија на Скопје има само 21 јавна градинка, мора да напоменам дека известувањето е пратено до директорите на сите градинки, а секоја градинка има од 3 до 4 клона, а некои имаат и по пет клона. Инспекторите се на терен и во текот на денот ќе има информации дали и како се почитува оваа забрана“, вели директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова-Бухова.

    Забраната за прием на невакцинирани деца вчера ја донесоа Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, по појавата на 12 нови случаи на заболени од мали сипаници, од кои за 6 има потврда дека се заболени, а за останатите шест потвдата треба да стигне во текот на денот. Претходно на 19 декември лани, во населбата Радишани беше прогласена епидемија, бидејќи беа регистрирани шест заболени деца од иста градинка и еден возрасен. Тогаш беше направена теренска контрола на бројот на вакцинирани деца, при што беше утврдено дека од 104.800 деца во Скопје вакцината МРП не ја примиле 15.000 деца.

    Сите што се заразени со морбили, според здравствените власти биле невакцинирани.

    Министерот за здравство Венко Филипче вчера рече дека, за жал, на нивниот повик родителите да ги вакцинираат децата имало слаб одзив, односно во пунктовите за вакцинација биле донесени само 310 деца. Тој кажа дека забраната за прием на невакцинирани деца ја донеле за да запрат ширење на болеста, која е високозаразна и предизвикува тешки компликации и смрт.

    Според здравствените власти, ова се должи на нискиот опфат на вакцинирани деца со МРП вакцината, кој во Скопје од 2013 до 2017 се движи околу 70 отсто. Од Институтот за јавно здравје велат дека во Скопје од децата родени во 2016 бројот на вакцинирани е 63,8 отсто, а на оние родени 2017 опфатот на вакцинирани е под 50 отсто.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира