1. Раководејќи се според онаа познатата: “Една изгубена битка не значи и изгубена војна”, премиерот Бранко Црвенковски започнува нова офанзива. Ја изгуби што ја изгуби битката со октоподот, ама млад е, има сили за нови битки, па сега ја најавува битката против невработеноста. Битката што му претстои е навистина тешка, затоа што треба да обезбеди вработувања, без инвестиции, ама ако газдите ги пријават сите што работат на црно, успехот не му гине.
Лесно му е на премиерот кога располага со армија луѓе која што може да му војува. Така и товарот нема да падне само врз него и Владата, туку врз сите нас. Криминалот од ТАТ го плативме сите. И со девалвацијата и со законот за обесштетување. На истиот начин сега сите ќе го плаќаме и вработувањето на непријавените вработени. Нема да плаќаат само тие што и досега не плаќаа – газдите.
2. Уставниот суд ќе расправа за една будалаштина што веќе седми месец се прави на патните гранични премини и што се вика такса за одржување на хигиената затоа што плаќањето било неуставно. Ќе биде тоа уште една потврда дека во оваа држава може буквално секој да ти побара пари и ти да му дадеш. Баш би било интересно да видиме како државата ќе ни ги враќа парите што некои друмски разбојници ни ги собираа противуставно цело лето и нам и на странците. Би било уште поинтересно да видиме дали некој ќе одговара за бруката што ѝ е нанесена на државата во очите на заскитаните туристи, или за собирањето пари со измама. Зашто. тоа е исто како кога полицијата ќе фати некој измамник што некому му зел пари, а потоа не го дава на суд, а на измамениот не му ги враќаат парите.
Молчи, лесно куртуливме, инаку како што беа наострени да ги собираат парите и ревносно да ги бројат сите луѓе во возилата, можеа да побараат да си ја отплатиме обврската кон хигиената на нашите гранични премини со работни задолженија. На пример, четворица во кола, плус за колата, тоа ти се 150 денари и ако не сакаш да платиш, да ти поделат метли да заметеш 150 метри од патот пред рампата. Странците би минале потешко.Бидејќи тие плаќаат со марки, ним ќе им дадат потешка задача. Ќе им ги речат да ги исчистат тоалетите. Но, затоа потешката задача носи и привилегии. Тие што ќе си ги исчистат тоалетите ќе се стекнат со право и да го наплаќаат нивното користење. Мала нужда 10, голема 30 денари. На тој начин ќе ги забележевме и првите странски концесии во Македонија. Па после некој нека спори со тврдењето дека концесиите ги даваме од нужда.
Ако Уставниот суд сепак донесе некаква одлука да се враќаат парите што противуставно ни биле одземени, предлагам да се откажеме од нив. Белким нашите пари отишле во буџетот, па ќе се најдат во битката за нови вработувања. Јас на пример, првиот скромен придонес за хигиената на границата го дадов уште на почетокот на летото. Бидејќи сум бил меѓу првите, го молам премиерот да ме запише како првоборец во битката против невработеноста. Партизанска споменица не барам.
3. Во Србија утре има повторени претседателски избори, ама како и со Бугарите и со нив имаме проблеми во љубовта, па не знаеме кое момче најмногу ќе ни прилега. Вук Драшковиќ изјавува дека ќе ја смести “нашата Македонија” во царинска унија со Србија, Црна Гора и српскиот дел од Босна. Социјалистичкиот кандидат Милан Милутиновиќ вели дека и во моментов со Македонија нема ни граница ни царина. Изгледа дека најмногу ќе ни одговара победата на Шешељ.
Ако победи четничкиот војвода и ако почне да остварува сé што ветува, многу веројатно е дека светот повторно ќе воведе санкции против Србија. Тоа значи дека пак ќе заживее шверцот на нафта, ќе се вратат во игра тајните контингенти, ќе се отворат едно чудо странски претставништва.. .Пак ќе ни заживее стопанството. Какви инвестиции, какви нови вработувања, шверцот ќе ни ги реши сите проблеми. Уште ако може парите од конвоите да не одат само по приватните џебови, туку нешто да оди и во буџетот, ете средства за уште нови работни места. Само Шешељ може да нé спаси.
4. Лесно им е на кошаркарите од државната репрезентација да го остават раководството во Португалија и сами да си се качат во друг авион. Колкумина би сакале да го остават државното раководство и да фатат друг воз, ама не се кошаркари. На пример кога гледаш дека некои со сета брзина го тераат возот накај Белград. А ти викаш: “Аман мајсторе, дај барем да се симнеме во Лапово”. Само што ни ги зедоа парите, па сега немаме да си купиме карта за друг воз.
5. Велат дека дури и директорите во клиниките на Клиничкиот центар во Скопје ги избирале по партиска линија. Во иднина, наместо на клиника, ќе може да одиш на преглед во штабот на СДСМ.
Ме интересира само што ќе се случи ако заради негрижата на некој лекар од СДСМ, почине пациент од СДСМ, а на гробиштата сé уште нема посебна СДСМ алеја?
6. Пред два дена македонската полиција со палки ги натепала луѓето што чекале пред Канцеларијата за врски на Република Грција во Скопје, затоа што се побуниле кога некоја телевизиска екипа влегла преку ред.
Министерството за надворешни работи упорно опстојува на либералниот влез на грчките граѓани во Македонија, кои не мораат од рани зори да висат како мајмуни на решетки пред македонската канцеларија за врски во Атина, туку визите ги добиваат на граница. Велат, тоа било во интерес на државата. А тоа што државата си ги тепа сопствените граѓани не е битно, затоа што кај нас граѓаните постојат заради државата, а не државата заради нив, како што е секаде во светот.
Ние не воведуваме реципрочни мерки затоа што македонската држава повеќе ги почитува грчките граѓани од македонските. Би било нелогично, во име на реципроцитет да побараме грчката полиција да ги тепа грчките граѓани кои чекаат македонска виза во Атина. Толку будали сигурно не се.