Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска обвинета за кривичното дело Компјутерски фалсификат, затоа што две години по ред испитот за безбедносен сертификат ѝ го полагал во нејзино име ревизорот во Државниот завод за ревизија (ДЗР) Миле Столевски, на кого, според пораките меѓу нив кои се прочитаа на денешното судење, таа му се заблагодарува со „злато си“. Потоа му вели дека ќе го чести ручек што положил место неа.
Првата порака што обвинителот Фатон Азизи од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја презентираше на видеобим комуникацијата меѓу обвинетите Димитровска и Столевски, беше од 22.08.2023 година и беше со прикачен документ, каде што таа му праќа принтскрин со код, име, лозинка и адреса на е-пошта, за пристап во електронскиот систем на Дирекцијата за безбедност на класифицираните информации (ДБКИ) за следење на обуката.
Столевски две години по ред со овие лозинки се вклучувал онлајн на обуките како „Татјана Димитровска“, слушал, полагал и добивал сертификат како да се вика Татјана Димитровска. Се читаше и порака на Димитровска, во која таа му ја пишала шифрата за да се вклучи во нејзино име.
После обуката Столевски ѝ праќа порака со прикачен документ – фотографија од сертификатот на Димитровска за 2023 година.
Следната година Столевски ѝ го праќа овој сертификат на Димитровска и вели: „Овој ќе го поништиме“.
По истиот принцип, Столевски ѝ положува на Димитровска и зема сертификат од ДБКИ и за 2024 година, додека таа сè уште е претседателка на ДКСК. Пред да полага за неа, таа му посакува среќа.
„Фала Миле, злато си. Частам ручек“, му пишува обвинетата кога овој ѝ кажува дека положил. Па Столевски ѝ праќа линк од сертификатот и пишува: „Се шалам, не частиш ништо“. Во нова порака ѝпраќа резултат: „Со 93,3 ти е положен“.
Димитровска се повлече од функцијата во Антикорупциската комисија откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“. Истрагата против неа започна во април 2025, по анализата на телефонската комуникација на Небојша Стојановиќ, поранешен директор на ТЕЦ Неготино и обвинет во случајот „Адитив“. Според обвинението, Димитровска, преку апликациите Вибер и Ватсап, му давала на Стојановиќ доверливи податоци за поведени постапки, отворање предмети против правни и физички лица, службени белешки, како и информации за проверка на имотната состојба на обвинетиот и неговото семејство. Дополнително, Димитровска се гони и за тоа што му ги дала логовите на нејзин колега ревизор Столевски за да полага во нејзино име за сертификат за класифицирани информации.
По оставката од претседателската функција во ДКСК, во јули 2025 Димитровска се врати на своето претходно работно место во Државниот завод за ревизија каде повторно ја извршува функцијата помошник на главниот државен ревизор, која ѝ беше во мирување додека раководеше со ДКСК.
С. К. ДЕЛЕВСКА



