НЕМА ПОСВЕТО ОД УЧИТЕЛ – ДИРИГЕНТОТ БОРЈАН ЦАНЕВ ОД ФИЛХАРМОНИЈАТА ЗАМИНУВА НА МУЗИЧКАТА АКАДЕМИЈА

    НЕМА ПОСВЕТО ОД УЧИТЕЛ – ДИРИГЕНТОТ БОРЈАН ЦАНЕВ ОД ФИЛХАРМОНИЈАТА ЗАМИНУВА НА МУЗИЧКАТА АКАДЕМИЈА„Македонската филхармонија ми беше сѐ, ми беше втор дом. Одлуката не беше воопшто лесна, а емоциите се прилично измешани. Сепак, во животот има моменти кога треба да се продолжи понатаму, да се направи нов чекор“, вели диригентот Борјан Цанев (Фото: Македонска филхармонија)

    Диригентот Борјан Цанев по 19 години години заминува од матичната куќа Македонска филхармонија и кариерата ќе ја продолжи на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Диригентот за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека во Македонската филхармонија поминал прекрасни 19 години, за кои вели дека се годините на неговата младост, години на стекнување искуство и на созревање.

    „Време е за нов предизвик, нов почеток! Македонска Филхармонија – ти благодарам за сѐ. Засекогаш ќе останеш во моето срце! Чувај се“, напиша Цанев на Фејсбук. 

    „ Тоа е институцијата на која ѝ должам најмногу. Таа ми беше сѐ, ми беше втор дом. Затоа секогаш бев, сум и ќе бидам лојален кон мојата прва љубов Македонската филхармонија! Верувајте одлуката не беше воопшто лесна, а емоциите се прилично измешани. Сепак, во животот има моменти кога треба да се продолжи понатаму, да се направи нов чекор – промена“, ни рече Цанев.

    Тој се потсетува на слична случка од 2001 во Лондон, кога буквално за еден ден требало да одлучи дали ќе остане како асистент диригент во Кралската оперска школа (Royal Opera School) или ќе се врати во Скопје како диригент на Македонската филхармонија.

    „Го знаете исходот од таа одлука и не жалам воопшто за неа. Сметам дека сега дојде повторно време за промена. Како и секогаш, времето ќе биде најдобриот показател за исправноста на мојата одлука“, додава 46-годишниот Цанев.

    Цанев е професор на Музичката академија од 2002, но како надворешен соработник. Во највисоко звање бил избран пред скоро 6 години, така што, како што вели тој, работата со студентите воопшто не му е нова и непозната.

    „Изградивме стабилен оркестар, професионален, со зголемен репертоар, со сѐ поголемо искуство зад себе, свирејќи со едни од најголемите светски имиња“, вели диригентот (Фото: Македонска филхармонија)

    „Работата со младите мене ми дава посебна енергија и мотивација. За мене нема ништо посвето од учител, кој ќе создаде успешни кадри. Веројатно тоа е најблагородната мисија од која зависи иднината на светот. Како мала илустрација, во оркестарот на Македонската филхармонија во моментов се вработени голем број, веројатно некаде околу една четвртина мои поранешни студенти. Од нив тројца се водачи на своите групи и извонредни професионалци и го претставуваат стожерот на нашиот единствен симфониски оркестар. Имам веќе и четворица дипломирани студенти по диригирање, првиот е веќе добро познат – Емин Џијан, вториот се наоѓа на постдипломски студии во Холандија, третиот е активен и работи со камерни состави во Македонија и регионот, а четвртиот е диригент на воениот оркестар во Скопје и еден постипломец кој многу активно почнува да работи со повеќе ансамбли во Македонија. Во моментов имам тројца додипломци кои се надевам ќе успеам да ги изнесам на прав пат во иднина. Сега како редовен наставник на ФМУ, се надевам ќе имам и повеќе време за да им се посветам на студентите“, вели Цанев.

    Периодов добива голем број пораки и прашања, дали ова значи дека ќе престане да диригира, а тој вели: „Секако не. Тоа што преминав на ФМУ, не значи дека јас нема да диригирам повеќе, а особено не со Македонската филхармонија. Едноставно, сметав дека после дваесет години собирање искуство на ‘терен‘ би било добро тоа да го пренесам на идните генерации“.

    „Работата со младите мене ми дава посебна енергија и мотивација. За мене нема ништо посвето од учител, кој ќе создаде успешни кадри“, вели Цанев (Фото: Македонска филхармонија)

    Цанев вели дека си оди спокоен од Македонската филхармонија. Работеше и учествуваше активно во изградбата на овој оркестар, особено во последната декада.

    „Изградивме стабилен оркестар, професионален, со зголемен репертоар, со сѐ поголемо искуство зад себе, свирејќи со едни од најголемите светски имиња. И на крај, оркестар кој после толку многу чекање се всели во новиот храм на музиката – нашата нова концертна сала. Дадов сѐ од себе, времето ќе покаже дали било добро или не. Доколку пак треба да ги опишам сите случки, веројатно би можел да напишам книга. Бидејќи по природа сум човек кој ги помни претежно убавите работи, спомените кои ќе ме врзуваат за овој период ќе бидат исклучително позитивни и убави. Од помалку убавите ќе се обидам да извлечам поука за во иднина“, вели Цанев.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира