МОЖАМ ДА ПРОГЛАСАМ ВОНРЕДНА СОСТОЈБА И МНОГУ БРЗО ДА ГО ИЗГРАДАМ ЅИДОТ, ИЗЈАВИ ТРАМП

    МОЖАМ ДА ПРОГЛАСАМ ВОНРЕДНА СОСТОЈБА И МНОГУ БРЗО ДА ГО ИЗГРАДАМ ЅИДОТ, ИЗЈАВИ ТРАМПТрамп вели дека е подготвен затворањето на владата да трае со години (Фото: АП)

    Доналд Трамп изјави дека би можел да прогласи вонредна состојба во државата за да изгради ѕид долж мексиканската граница, без да добие одобрение од Конгресот.

    Ова уследи по неговата средба со високи претставници на демократите, кои му го одбија барањето за финансирање на ѕидот. Трамп затоа го блокираше законот за буџетот на владата, заканувајќи се дека тоа ќе трае сѐ додека не добие пари за ѕидот.

    Владата е делумно затворена веќе трета недела и Трамп изјави дека е подготвен тоа да трае со години. Како резултат на затворањето, 800.000 федерални работници се без плата од 22 декември. Нов состанок на соработници на Трамп и конгресмени е закажан за денеска.

    Трамп кажа дека 90-минутниот состанок во Белата куќа бил многу продуктивен, но во исто време, се закани со посериозни мерки.

    „Би можел да го направам тоа. Можеме да прогласиме вонредна состојба и да го изградиме ѕидот многу брзо. Тоа е друг начин на кој може да се направи тоа. Многу сум горд на она што го правам. Јас не го нарекувам ова затворање, туку правење на нешто што е во интерес на безбедноста на државата“, изјави Трамп.

    По преземањето на мнозинството во Претставничкиот дом, демократите изгласаа закон за повторно отворање на владата, кој вклучува и буџет за безбедност на границите од 1,3 милијарди долари. Но, за да стапи на сила, законот мора да помине и во Сенатот и да биде потпишан од Трамп.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира