Најмалку седум луѓе загинаа на Алпите овој викенд откако паднаа големи количества снег, додека за скијачите во Австрија, Германија и Италија е издадено предупредување за лавини.
Во две одделни лавини, двајца Германци загинаа на австриските планини Форарлберг, а трет скијач во областа Понгау во близина на Салцбург. Две несреќи со смртни последици имаше и во Баварија, додека двајца планинари загинаа во италијанскиот дел на Алпи.
Спасувачките екипи трагаат по уште неколку луѓе, исчезнати на Алпите.
Италија е погодена од обилни снежни врнежи, сѐ до Матера на крајниот југ. Снег може да се види дури и на планината Везув крај Неапол, што е ретка глетка.
Нови врнежи во овој регион се најавени за следните денови и властите ги предупредија скијачите да возат само по обележани патеки.