На Клиниката за инфективни болести денес се примени уште три случаи на заразени со мали сипаници, од кои две деца и еден возрасен, и во моментов на Клиниката има 26 пациенти со морбили, соопшти Министерството за здравство
„Најмладиот пациент е бебе од 8 месеци, а највозрасната пациентка има 43 години од Скопје. Сите новопримени пациенти имаат клиничка слика на заболени од мали сипаници“, велат од Министерство за здравство.
Во сите вакцинални пунктови во Скопје денес се вакцинирани 104 деца, а од почетокот на епидемијата досега вкупно 2008.
„Уште еднаш повикуваме на вакцинација на децата, иако е прогласена епидемија од морбили. Има доволно количини од МРП вакцините. Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со проверен квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење“, велат од Министерството за здравство.
Министерството ги повика родителите на учениците во основно образование да ги вакцинираат децата пред стартот на второто полугодие.
Е. БОЧВАРОСКА