Камала Херис, сенаторка од Калифорнија и поранешен јавен обвинител, официјално соопшти дека ќе се кандидира за претседател на САД во 2020 година, придружувајќи на групата кандидати од Демократската партија кои ќе учествуваат во внатрепартиските избори да се избере противкандидат за претседателот Доналд Трамп.
Херис го најави почетокот на нејзината кампања во гостување на емисијата „Добро утро Америка“ на „Еј-Би-Си“.
„Да го направиме ова заедно. Да се избориме за нашата иднина. За себеси, за нашите деца и за нашата земја“, кажа Херис во промотивното видео за кампањата.
54-годишната Херис се претстави себеси како борец за правда, пристојност и еднаквост во видеото.
„Тоа се вредностите кои ние Американците ги цениме и сите тие вредности се загрозени во моментов“, кажа Херис.
Пред Херис, во трката за претседателски кандидат на Демократската партија се вклучија сенаторките Елизабет Ворен и Кирстен Џилибренд.