Со четири молотови коктели ноќеска беше нападната куќата на пратеничката на владејачката Сириза, Теодора Цакри од Јаница. Предизвикана е значителна материјална штета, но нема повредени. За време на нападот, во куќата биле родителите, сопругот и детето на пратеничката, која е во Атина, каде што денеска во грчкиот парламент треба да се гласа за ратификација на Договорот од Преспа. Непознатите напаѓачи побегнале веднаш по нападот.
За денеска е закажан уште еден протест пред грчкиот парламент против Договорот од Преспа. Над 1.500 полицајци ќе го обезбедуваат протестот.
Синоќа, лидерот на опозициската Нова Демократија Кирјакос Мицотакис се откажа од уште една интерпелација за владата на премиерот Алексис Ципрас. Со таквиот потег, Мицотакис ќе го одложеше гласањето за Договорот од Преспа, иако кабинетот на Ципрас преживеа гласање доверба минатата недела.
Се очекува Ципрас да добие доволно гласови за ратификација на Договорот од Преспа, со што ќе се отвори патот за македонските евроaтлантски интеграции.