Скопскиот аеродром од утринава е отворен за сообраќај, откако доцна синоќа беше затворен бидејќи авион на компанијата „Германија“ што требаше да полета кон Цирих се заглави во снежен нанос направен од чистење на патеките. Авионот од типот „ербас А321“ кој беше заглавен на јужниот дел од пистата е одглавен од снегот и денеска околу 13 часот треба да полета кон Цирих.
На Меѓународниот аеродром Скопје полетувањата од утрово се одвиваат со малку променет распоред на летање и извесни задоцнувања предизвикани од вчерашното пореметување на сообраќајот. Се очекува состојбата да се нормализира во попладневните часови.
Синоќа пред да биде аеродромот затворен имаше и доцнења и откажувања на неколку летови поради обилните врнежи од снег и поради процедурите за одмрзнување на крилата пред полетување.
И владиниот авион со кој во Скопје од Давос се враќаше владината делегација на чело со премиерот Зоран Заев, по полчасовно кружење над Скопје, слета во Софија, а од таму делегацијата со џипови испратени од премиерот Бојко Борисов се врати во Скопје. Поради тоа Заев синоќа не присуствуваше на Извршниот и Централиот одбор на СДСМ на кој требаше да се донесе одлука дали заедно со претседателските ќе има и парламентарни избори.
А. АНТЕВСКА