Министерот за здравство Венко Филипче вели дека не ја лаже јавноста со објавата на фотографијата од неговата внука Илина како прима вакцина на неговата официјална Фејсбук страница на 10 јануари годинава. Тој вели дека објавите во дел од медиумите и коментарите на социјалните мрежи дека глумат вакцинирање се некоректни, бидејќи детето тој ден примило вакцина, но не МРП (морбили, рубеола, паротит) како што се претпоставуваше во јавноста.
„Илина е премногу мала за да ја прими МРП вакцината, има само 5 месеци. Тој ден прими друга вакцина, која е по редовниот календар за имунизација. Во објавата никаде не стоеше дека е вакцинирана со МРП вакцина. Не ја лажам јавноста, ниту ја доведувам во заблуда. Идејата беше да се покаже дека сите вакцини, не само оние за МРП се безбедни и квалитетни, бидејќи целиот процес на вакцинација е компромитиран. Опфатот не е паднат само за МРП вакцината, туку и за другите вакцини“, вели Филипче.
Фотографијата со внуката Илина, кој беше објавена на официјалната Фејсбук страница на министерот одеше со текстот:
„Единствено добро што родителите може да направат за своите деца е да им овозможат добро здравје, грижа и многу љубов. Утрово во амбулантата Млин Балкан ја вакциниравме мојата внука Илина. Вакцините се безбедни, ефикасни и нè заштитуваат од разни болести“.
Според редовниот календар за имунизација МРП вакцината децата ја примаат на 13 месечна возраст, но по прогласување на епидемијата во Скопје на 2 јануари годинава, здравствените власти дадоа наредба со половина доза МРП да се вакцинираат и бебиња над 6-месечна возраст, бидејќи компликациите од болеста се најчести токму кај нив.
Министерот вели дека за да спречат поголемо ширење на епидемијата на мали сипаници во Скопје, навреме ги презеле сите мерки и дека родителите и здравствените работници треба сериозно да ги применат превентивните мерки.
„Добро е што над 4.000 родители веќе ги вакцинираа децата. Но, за да не се шири и натаму болеста, која може да има сериозни компликации, апелирам сите што се невакцинирани и возрасни и деца тоа поскоро да го направат“, вели Филипче.
Сомнежот во квалитетот на вакцините дополнително беше поттикнат по објавата од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) дека во вакциналните пунктови се најдени вакцини на кои на надворешното пакување на декларациите стои постар рок на траење, а во внатрешното пакување и на самите вакцини рокот е до мај и јули годинава.
МАЛМЕД соопшти дека пронашле 624 кутии од вакцината МРП со погрешни декларации, но дека вакцините се безбедни и дека рокот на траење не им е поминат. Од МАЛМЕД завчера соопштија дека на дистрибутерот на вакцините, кои се од европски производител, му наложиле вакцините со погрешни декларации да ги повлече, бидејќи согласно Законот за лекови и медицински помагала тие треба да се повлечат и уништат кога има неусогласеност на податоците на внатрешното оригинално пакување на лекот, со податоците на налепницата на македонски јазик. Според соопштението од МАЛМЕД вакцините ќе бидат уништени согласно законските одредби за заштита на животната средина.
Е. БОЧВАРОСКА