ЗАБЕН ТЕХНИЧАР КОЈ НЕ БИЛ ВО КОНТАКТ СО ПАЦИЕНТИ Е ЗАРАЗЕНИОТ СО МРСА ОД КЛИНИКАТА ЗА СТОМАТОЛОГИЈА, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ САНИТАРЕН ИНСПЕКТОРАТ

    ЗАБЕН ТЕХНИЧАР КОЈ НЕ БИЛ ВО КОНТАКТ СО ПАЦИЕНТИ Е ЗАРАЗЕНИОТ СО МРСА ОД КЛИНИКАТА ЗА СТОМАТОЛОГИЈА, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ САНИТАРЕН ИНСПЕКТОРАТКај вработениот бактеријата е најдена на рацете, работи како забен техничар во лабораторијата за мобилна техника и не бил во директен контакт со пациенти. Дури и да бил во контакт со пациенти не можел да им ја пренесе бактеријата, бидејќи сите вработени работат со ракавици, вели директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат д-р Ирина Сотирова-Бухова (Фото: СДК.МК)

    Вработениот во Универзитетскиот стоматолошки центар „Св. Пантелејмон“ кај кого е потврдено присуство на опасната бактерија МРСА, работи како забен техничар во лабораторијата за мобилна техника и не бил во контакт со пациенти, вели директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) д-р Ирина Сотирова-Бухова. МРСА еден вид бактерија од групата на стафилокока и е резистентна на повеќето видови антибиотици, тешко се лекува и кај пациентите со намален имунитет може да предизвика сериозни компликации и смрт.

    „Кај вработениот бактеријата е најдена на рацете. Работи како забен техничар во лабораторијата за мобилна техника и не бил во директен контакт со пациенти. Дури и да бил во контакт со пациенти не можел да им ја пренесе бактеријата, бидејќи сите вработени работат со ракавици“, вели д-р Сотирова-Бухова.

    Таа вели дека ДСЗИ, по добиената информација за утврдено присуство на МРСА кај вработен на Клиниката за стоматологија, направил вонреден инспекциски надзор, при што е утврдено дека комисијата за интрахоспитални инфекции на самата Клиника донела одлука и вчера е спроведена вонредна дезинфекција на сите простории на иституцијата.

    „Вработениот самоиницијативно пошол на Микробиологија и побарал да му се направил брис од раце. Позитивниот наод за присуство на бактеријата стигнал вчера и во текот на вчерашниот ден направена е вонредна дезинфекција на Клиниката. Вработениот од трети јануари бил на одмор, користел боледување во меѓувреме, и сега не е на работа и нема да се врати на работа додека не се добие наод дека нема присуство на бактеријата“, вели д-р Сотирова-Бухова.

    Таа кажа дека во задолжителните мерки за справување со ваква состојба е и вонредниот санитарен преглед на вработените и уште една вонредна дезинфекција на Клиниката за стоматологија, што утре ќе ја направи Центарот за јавно здравје Скопје.

    „Денес е почнато со санитарниот преглед на вработените, кои ги има околу 300. Веќе се прегледани околу 90 и тоа ќе продолжи во текот на овој и наредните денови“, вели д-р Сотирова-Бухова.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира