ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ СЕ ВРАЌА ВО ТЕТОВО, А ОПШТИНАТА НИШТО НЕ ПРЕЗЕМА, ОБВИНУВААТ ТЕТОВСКИТЕ ЕКОЛОГИСТИ

    ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ СЕ ВРАЌА ВО ТЕТОВО, А ОПШТИНАТА НИШТО НЕ ПРЕЗЕМА, ОБВИНУВААТ ТЕТОВСКИТЕ ЕКОЛОГИСТИДвижењата „Еко-герила“ и „Мајка и дете“ посочуваат дека Општината во буџетот за 2019 не одвоила никакви средства за борба против аерозагадувањето (Фото: СДК.МК)

    Движењата „Еко-герила“ и „Мајка и дете“ остро реагираа за енормното и алармантно загадување на воздухот, кое последниве неколку дена беше и за четири пати над дозволената граница. Тие ја обвинуваат Општина Тетово дека и покрај ваквата состојба, не презема никакви активности за намалување на загадувањето.

    „Се чини дека Општина Тетово нема никаква идеја како да се намали нивото на загадување. Општината можеше да ангажира надворешни експерти за проценка и утврдување кои, покрај „Југохром“, се другите фактори и извори на загадување на воздухот и кои мерки треба да се преземат. Место да трошат пари за семинари, патувања, концерти и вработувања во најоптоварената администрација во Македонија, можеа да помогнат да се реши овој проблем“, велат тетовските екологисти.

    Тие посебно се револтирани од фактот што Општината во буџетот за 2019 не одвоила никакви средства за борба против аерозагадувањето.

    „Општината нема никаков план за справување со оваа криза. Тоа е жално, зашто имаме енормно загадување и загаденоста на воздухот во Тетово три дена по ред изнесува над 150 микрограми ПМ10 честички. Затоа од нив бараме или да се справат со ситуацијата или да дадат оставка. Ние и порано баравме од Владата да ѝ одземе некои од ингеренциите на Општина Тетово, бидејќи оваа администрација е тотално неспособна за решавање на овој проблем“, изјави Аријанид Џафери од „Еко-герила“.

    Од службата за комуникации на Општина Тетово пред некој ден се огласија со соопштение, во кое кажаа дека поради големата загаденост на воздухот, градоначалничката прогласува првостепени мерки и препораки за внимание. Тие се однесуваат на совети, препораки и апели до граѓаните да не излегуваат од домовите кога е воздухот енормно загаден, да не се палат лепила, бои, лакови и други материи, помалку да користат возила и слично.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира