Полегнати се триесетина сообраќајни знаци кои го регулираат сообраќајот на регионалните патишта што ја поврзуваат Битола со Ресен и Новаци.
„Вака е откако падна последниот снег пред десетина дена. ‘Македонија пат’ при чистењето го истурка снегот на краевите од коловозот, па се потиснаа и сообраќајните знаци кои беа поставени пред неколку месеци, кога беше реконструиран патот од Битола за Новаци и РЕК“, вели Злате Николовски, жител на Новаци.
Дел од знаците се накривени, а дел турнати на земја.
Од битолската полиција велат дека ја констатирале ваквата состојба на терен и го предупредиле „Македонија пат“ да ги прицврсти знаците.
„Денеска добивме допис од СВР Битола и наши екипи излегоа веднаш на терен. Ова се должи на наносите снег, но и при чистењето на снегот некои знаци се турнати при употреба на механизација со поголеми ножеви“, рече директорот на битолската подружница на „Македонија пат“, Беким Мемеди.
Најдоцна за два дена знаците ќе бидат поправени и прицврстени.
Ж. ЗДРАВКОВСКА