БОЛНИТЕ ОД ЦЕЛИЈАКИЈА ГЛАДУВААТ ОТИ НЕ МОЖАТ ДА ЗЕМАТ БЕЗГЛУТЕНСКО БРАШНО НА РЕЦЕПТ, ОД ФЗОМ ВЕЛАТ ДА ГИ ПРИЈАВАТ АПТЕКИТЕ

    БОЛНИТЕ ОД ЦЕЛИЈАКИЈА ГЛАДУВААТ ОТИ НЕ МОЖАТ ДА ЗЕМАТ БЕЗГЛУТЕНСКО БРАШНО НА РЕЦЕПТ, ОД ФЗОМ ВЕЛАТ ДА ГИ ПРИЈАВАТ АПТЕКИТЕБолните реагираат дека од аптеките им кажуваат оти немаат квоти за безглутенско брашно, а од ФЗОМ велат правото на осигурениците не им е скратено: - Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев (Фото: СДК.МК)

    Болните со целијакија реагираат дека веќе трет месец во аптеките не можат на товар на Фондот за здравствено осигурување да подигнат безглутенско брашно, кое за нив е лек. Тие велат дека кон крајот на минатата година во аптеките им кажале дека нема, а сега по воведување на новиот начин на распределба на квоти на лекови на товар на ФЗОМ, во аптеките им кажуваат дека немаат квота.

    „Безглутенско брашно со години земам на рецепт, бидеќи боледувам од целикалија. За да можам да земам на рецепт еднаш годишно на клиника ми даваат конзилијарно мислење и така функцинораше. Но од Нова година наваму, во аптека ми велат дека немаат квоти и дека нема брашно“, вели жена од Скопје.

    Оваа болест се манифестира со тоа што организмот не поднесува глутен и за да можат болните нормално да функционираат треба да јадат безглутенска храна. Приватно купено еден килограм безглутенско брашно чини 260 денари, а на товар на ФЗОМ пациентите го добиваат со партиципација од 80 денари. Тие велат дека во случајов или се принудени да гладуваат или пак да го бараат по сите можни аптеки приватно.

    „Овде нема само возрасни, има и деца. Тоа се состојби каде човек во своето тело не смее да внесе ни грам глутен, состојка која ја има во лебот и во 70-80 отсто од производите“, велат болните.

    Од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) велат дека правото на безглутенско брашно на осигурениците им е овозможено да го добиваат на товар на Фондот, а сосем е друго прашањето дали увозниците го имаат увезено.

    „Осигурениците, доколку имаат проблем со остварување на ова право, да се обратат кај нас и да посочат во која аптека им е кажано дека безглутенско брашно нема поради потрошени квоти“, велат од ФЗОМ.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира