Претставникот на УНИЦЕФ во Македонија Бенџамин Перкс кажа дека ниту едно дете не смее да биде жртва на болести што може да се спречат по веста дека шестмесечно бебе од Куманово утринава починало на Клиниката за инфективни болести од компликации предизвикани од мали сипаници.
„Тага и искрено сочувство до семејството на бебето кое стана прва жртва на тековната епидемија на морбили во Македонија. Ниту едно дете не смее да биде жртва на болести што може да се спречат“, напиша Перкс на Фејсбук.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска кажа дека се вакцинирале над 60 отсто од невакцинираните деца од почетокот на епидемијата, кога имаше 15.000 невакцинирани деца во Скопје, и повторно ги повика родителите да ги вакцинираат децата.
Светската здравствена организација вчера објави дека бројот на заразени со мали сипаници во Европа се зголемил за трипати меѓу 2017 и 2018 година, при што се регистрирани вкупно 82.596 случаи. Иако степенот на вакцинацијата се подобрува, СЗО вели дека покриеноста не е доволно висока за да се спречи ширењето на вирусот.