Седум новозаболени од мали сипаници се регистрирани во текот на последното деноноќие на Клиниката за инфективни болести, од кои тројца се примени на лекување, велат од Министерство за здравство.
„Од новопримените пациенти една 32-годишна жена од Сарај која била невакцинирана, потоа 1,5-годишно дете од Кисела Вода и уште едно 1,5-годишно дете. И децата биле невакцинирани. Во моментов на Клиниката се лекуваат 26 пациенти, од кои четворица возрасни и 22 се деца, од кои најмногу се деца на возраст под една година и на 1 година“, велат од Министерство за здравство.
Епидемиолозите од Институтот за јавно здравје апелираат родителите да ги вакцинираат со МРП (морбили, рубеола, паротит) и своите деца, но и самите да се вакцинираат откако во рок од три дена починаа три деца од компликации од мали сипаници.
д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје вели дека родителите не треба да слушаат совети за заштита на здравјето на своите деца од социјални медиуми и од лица кои не се компетентни да даваат такви совети, бидејќи така го загрозуваат и животот на сопствените деца, но и и на оние кои поради возраста или намалениот имунитет не може да се вакцинираат.
„Престанете со немарност и зачуденост од она што ќе го видите на социјалните мрежи. Досега најмалку 10 пати во текот на епидемијата сум излегувал и јавно сум кажал дека мора да се подигне колективниот имунитет, за да ги заштитиме токму најмалите и најкревките. Престанете со немарност и со зачуденост да примате информавии од социјални мрежи од некомпетентни да зборуваат за тоа. Немојте после да речете дека не сум ве предупредил. Престанете со манипулации на народот. Вакцините се направени во Белгија од европски производител, а набавени се во време на владата на ВМРО. Во време на ВМРО употребени се 40.000 дози, а во време на СДСМ 20.000 дози и досега немаше никаква несакана реакција. Апелирам да се вакцинираат и децата и возрасните“, вели д-р Караџовски.
Тој предупреди родителите да не се лажат дека епидемијата ќе заврши следната недела и дека имаат време и да не ги вакцинираат децата.
„Лут сум и гневен што умираат деца од болест, која може да се превенира, а сето тоа се должи на паднатот опфат на вакцинирани. Цела Европа има проблем со морбили и немој да се лажете дека ќе пројде брзо. Но, за да има што помалку заболени треба да се зголеми бројот на вакцинирани“, рече д-р Караџовски.
Казните за невакцинирање се од 350 евра нагоре, а зошто досега нема казнети треба да кажат судовите.
Тој кажа дека 13-месечното дете од Тетовскиот Регион кое вчеравечер почина на Клиниката за детски болести било здраво до 21 јануари, кога било примено на Клиниката за детски болести каде било лекувано од друга болест.
„Детето било третирано на Клиниката за детски болести и пуштено дома. 19 дена подоцна, односно вчера, тоа почина. Не можам да кажам каде се заразило“, рече д-р Караџовски.
Е. БОЧВАРОСКА