Полицијата извршила претреси на неколку локации низ државата при што се одземени предмети и уреди кои се поврзани со можен напад на терористичката организација ИСИС, соопшти вечерва МВР.
Без да прецизираат кога се случиле претресите и дали има приведени, од МВР велат дека изготвиле план на мерки и активности со цел попречување на терористичкиот напад, за кој што добиле, како што соопштија, оперативни сознанија од партнерска земја во врска со потенцијални планови и намери за извршување на терористички акт на територијата на Република Северна Македонија од страна на припадници на радикални структури поддржувачи на ИСИС.
„Министерството за внатрешни работи спроведе оперативно-тактички мерки со цел идентификација на можните организатори, логистичари и потенцијалните извршители на нападот. Со цел попречување на терористичкиот напад и остварување на превентивната функција, Министерството за внатрешни работи изготви план на мерки и активности, за што обезбеди соодветни наредби за нивно спроведување. По добиените наредби на неколку локации на територијата на државата извршени се претреси при што се одземени предмети и уреди кои се поврзани со можниот напад“, се вели во соопштението.