1. Те молам, Агендо, дозволи му на министерот Абдулаќим Адеми да ги прими средношколците и да ги сослуша што имаат да кажат. Поминаа две недели од бојкотот на наставата, и 18.000 ученици веќе имаат изгубено над милион часови. Ќе им се зафркнат и годината, и матурата, и свидителствата, и уписите по факултетите.
Средношколците што од понеделник најавуваат дека ќе седат дење-ноќе пред Министерството за да чекаат Агендата да му даде дозвола на министерот, се обраќаат на погрешна адреса. Треба да го повикаат лидерот на ДУИ Али Ахмети. Оти кај нас не важи дефиницијата дека министерот е слуга на народот. Кај нас министерот е слуга на лидерот на партијата. Нека испрати Средношколскиот пленум една делегација до Мала Речица. Со молба до Али Ахмети да и`каже на Агендата да му дозволи на министерот од неговата партија да ги прими средношколците. Па и тој бил студент. Белки се сеќава како му било кога сакал да го сослушаат. Толку ли се неважни судбините на најмалку 18.000 семејства и над милион изгубени часови настава, наспроти само еден час на министерот.
2. Агендата слободно нека продолжи со ароганцијата. Само, ако не виделе на вести на телевизија, да им кажам дека на протестите имаше луѓе за кои знам дека досега толку биле аполитични што дури ни на гласање не излегувале. А сега излегоа да си ги поддржат децата. А и децата, кај и да е, ќе стасаат за гласање.
3. Изгледа дека и претседателот Ѓорге Иванов чека дозвола од истата Агенда за да почне да се занимава со својата работа. Па во емисија на една албанска телевизија се пожалил дека неговата евентуална посредничка улога за решавање на политичката криза е оневозможена поради непризнавањето на неговиот легитимитет на дел од опозицијата. “Во оваа актуелна ситуација, имаме изместување од таа практика и од тој обичај претседателот да ја има таа улога, затоа што опозицијата не сака да го признае легитимитетот на институцијата Претседател и се обраќа директно до меѓународните фактори”, рекол претседателот Иванов.
На Иванов не му треба Агенда да му даде дозвола. Тој сам си го одзема легитимитетот. Со оваа изјава си се прогласи ненадлежен. Уште да си се прашаше: “Што барам јас на Водно?”. Се сеќава Иванов дека лани ова време на изборите доби повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ? Од кого бара легитимитет?
Што ќе му направи Агендата? Од што се плаши? Му тече втор мандат, трет пат не може да се кандидира. Пензијата му е доживотно гарантирана. Ова се такви историски моменти за земјата, што Иванов кога би бил вистински лидер, би го зграпчил моментот и би станал татко на нацијата. Тој го има легитимитетот. Само треба да се охрабри и да си го земе. Ама тоа “само” е она што ја прави Агендата поважна од претседателот.
Има уште едно “само”. Сега Иванов има потешка дилема за решавање. Треба да донесе важна државничка одлука. Дали на 9 мај да се појави на парадата во Москва или на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ. Освен ако баш на 9 мај не цвета некоја овошка, па ќе може таму да се појави.
4. Зошто премиерот и сите министри одат на разни трибини низ Македонија и ги собираат сопартијците, кога имаат многу подобар инструмент за да ги чујат сите. Нека организира јавна седница на Влада што и онака директно се пренесува на јавниот сервис на третиот канал на МТВ. Ќе си закажат една седница во недела напладне, премиерот ќе прашува, министрите ќе одговараат и околу четири часот во понеделник сабајле ќе завршат со отчетност за проектите. Ќе ги распетлаат кошулите, ќе ги разврзат вратоврските, ќе ги засукаат ракавите на кошулите… Па така не само привилегираните од трибините туку цела јавност ќе може да ги спореди гласовите од креираните, монтираните и прелепените снимки во наративот што СДСМ упорно се обидува да го наметне, со вистинските гласови на министрите. Да видиме кој е Хипо, кој е Чипо, кои се каубојци, кои се Индијанци, кој е лигња, кој е медуза…
По подолго време остварување, тоа навистина би била интересна владина седница за гледање. Па и МТВ ќе си ги оправда оние 190 денари што месечно ни ги наплаќа за радиодифузна такса.
5. Од инцидентот во караулата Гошинце разбравме дека границата со Косово во тој дел ја обезбедуваат четворица полицајци. Ќе си помисли човек дека делиме граница со некоја многу здодевна скандинавска земја. Повеќе полицајци има кога пајаците собираат коли. А и на патарините има повеќе вработени.
Притоа не мислам дека границата со Косово е проблем само поради терористички групи. Туку особено поради шверцери и разбојнички банди што се побројни и поопремени од полицајците. Дали тоа се истите полицајци за кои од еден од прислушуваните разговори дознавме дека како деца се радувале на нови плочки во бањите и чекаат да им ги поправат прозорците и да им ги сменат ќебињата на кои пишува ЈНА.
6. Оваа недела имавме две јавленија на Б. Прво се јави Бранко. Па после се јави и Бејли.
Бранко не кажа ништо ново. Додуша и Бејли не кажа ништо ново. Ама кажано од уста на американски амбасадор пострашно звучи. Рече дека треба да има и оставки и смени во власта. И заврши со порака – Правете што ќе правите, само гледајте побрзајте, оти сите од регионот одат напред, нема да ве чекаат.
Кој брза? Да не мислеше Бејли на оној брзиот воз од Јапонија што го урна личниот рекорд возејќи 603 километри на саат? И ние си ги уриваме личните рекорди. Во Јапонија возот лета. Во Македонија со истата брзина времето се враќа назад.
7. Најдобра анализа сублимирана во само две реченици повторно чув во еден од прислушуваните муабети: “Треба да расчистиме сами со себе. Или ќе пуштаме од комитети предлози, или ќе јакнеме капацитет”.
Без разлика што најпрецизно е запишано во тефтерчето и на списочето, Македонија повторно е ставена пред дилемата: Ќе буткаме наши луѓе или тие што ги бива?
8. Едно време се прашував дали ќе се смееме, еднаш кога сето ова ќе помине. Ама за да се смееме, ќе треба да паметиме. Оти од тоа што брзо забораваме, до ова дереџе стасавме.