Повеќе културни организации од независната сцена се здружија под иницијативата „Културата е насловната страна на секое општество“ поттикната од резултатите од Годишната програма проекти од национален интерес во културата за 2019 година.
Зад иницијативата стојат: Локомотива – Центар за нови иницијатива во уметноста и културата, Театар на Навигатор Цветко, Кино Култура – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура, Факултет за работи што не се учат (ФРЧУ)/ АКТО Фестивал за современи уметности, Интерарт културен центар – Танц Фест Скопје и Скопје танцов театар и „ПМГ Рекордингс“.
„Реакции и негодувања по Годишната програма отсекогаш имало, нормално не можат да бидат сите задоволни. Последната Годишна програма е одлика не само на министерот за култура, туку на целата Влада. Не знам како не ѝ е јасно на една Влада, која ете полека нѐ внесува во светските и европските интеграции дека со ваква програма ги изнервира најевропските културни работници, највидливите луѓе“, рече на денешната прес-конференција Мирко Попов од „ПМГ рекордингс“.
„Ние, долгогодишните културни оператори со големо влијание во развојот на современата уметничка сцена, покренуваме инцијатива за промена на ваквиот третман кон културата и уметноста и конечна разврска и решавање на проблемите со кои културните работници во државава се соочуваат“, вели Биљана Тануровска-Ќулавковски од Локомотива.
Тие бараат средба со премиерот Зоран Заев, со министерот за култура Асаф Адеми, со советничката за култура на премиерот Цветанка Ласкова и со Роберт Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка.
Организациите бараат: транспарентна ревизија на поддржаните проекти и повторно разгледување на одбиените проекти во сите дејности, воспоставување на нови и јасно мерливи критериуми за оценување и одлучување, зголемување на буџетот за поддршка на културни и уметнички програма и финализација и ставање во функција на новиот закон за јавен интерес во културата.
Б. НЕСТОРОСКА