Жителите на Општина Центар ќе можат да паркираат на сите резиденцијални паркинзи во нивната зона, но не и во друга зона. Тоа значи дека жителите на Дебар маало можат да се паркираат на сите паркинзи кои се бележани за станари во таа зона, но не и на резиденцијалните паркинзи во Капиштец. Граѓаните пак кои не се жители на Центар не можат да се паркираат на резиденцијалните паркинзи низ цел Центар. Како неправилно паркирање ќе се смета дури и ако испратиле смс порака и платиле за паркирање.
„До сега можеше да се паркираат резидентите само на паркингот пред нивната зграда. Увидовме дека може да се случи и на овие паркинзи да нема место за нив, па затоа ја сменивме одлуката и дозволивме паркирање во цела зона, но не и во друга. Граѓаните кои не се жители на Центар можат да се паркираат на местата кои не се обележани за резиденти“, вели директорот на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ Васко Кичевски.
Од претпријатието велат дека во наредниот месец и половина ќе ги информираат граѓаните за новитетите, а потоа ќе почнат со казнување.
„Набавивме блокатори и сега секој неправилно паркиран ќе го казнуваме на тој начин. Со тоа ќе можеме подобро да го регулираме паркирањето оти пајакот не може секаде да стигне“, вели Кичевски.
А. АНТЕВСКА