НАПАДОТ НА 27 АПРИЛ СЕ КООРДИНИРАШЕ ОД 8. КАТ НА ВМРО-ДПМНЕ, КАЖА ОБВИНЕТИОТ НИНЏА ВО ЗАВРШНИТЕ ЗБОРОВИ

    НАПАДОТ НА 27 АПРИЛ СЕ КООРДИНИРАШЕ ОД 8. КАТ НА ВМРО-ДПМНЕ, КАЖА ОБВИНЕТИОТ НИНЏА ВО ЗАВРШНИТЕ ЗБОРОВИВо штабот ги видов Спире Ристовски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Билјана Бришковска и Митко Чавков. - обвинетиот Нинџа и во завршните зборови ја потврди одбраната од судското рочиште на 6 декември 2018 (Фото: СДК.МК)

    Александар Василевски-Нинџа во завршните зборови на судењето за нападот на Собранието на 27 април 2017 кажа дека решил пред судот да ја каже вистината без притисоци и уцени од Обвинителството. Нинџа, како и на судењето на 6 декември кога даваше одбрана кажа дека командно оперативниот штаб од каде се координирал нападот бил на 8. спрат во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, каде вечерта отишол откако му се јавил Сашо Мијалков.

    “Таму ги начекав Спире Ристовски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Билјана Бришковска и Митко Чавков. Земав шише вода и им реков дека го чекам Сашо Мијалков. Никој ништо не ми кажа” рече Нинџа.

    Потоа како и во одбраната на 6 декември кажа дека отишол во паркот Жена борец каде биле Горан Грујевски и Никола Бошковски, на кого му се јавил тогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски и му кажал дека ќе биде прогласена воена состојба. Подоцна им било кажано дека работата не е на арно, друг ја презел контролата и нема да биде прогласена воена состојба. Нинџа кажа дека вечерта отишле со Никола Бошковски во прикриената база на УБК каде Сашо Марковски донел два хард диска, кои ги уништил на преса.

    “На 28 април Никола Бошковски ми кажа да се сретнам со синот на Амди Бајрам, Габриел и да му кажам дека ќе го бараат некои лица од службата. Оперативци од УБК ги прикрија сите траги од ГТЦ и од „сејф сити“ камерите, на кои се гледаат нивни оперативци. Жалам за настанот и за секој повреден.Ова треба да биде поука дека политиката не треба да си игра со чувствата на народот. Прифаќам одговорност. Се борев вистината да излезе на виделина” кажа Нинџа во завршните зборови.

    Потоа Нинџа ги читаше повиците кои ги остварил на 27 април и базните станици каде што бил во време на повиците.
    „И телефонските листи и местата на базните станици покажуваат дека сум таму каде што кажав, во ВМРО-ДПМНЕ, во прикриената база на УБК. Но, моите вибер комуникации од тој ден ги нема, што е симптоматично. Со Горан Грујевски секогаш комуницирав по вибер, а тој секогаш еднаш неделно ми ги земаше телефоните и после два саати ми ги враќаше. На 28 април Никола Бошкоски ми ги зема двата телефони и до ден денеска не ми се вратени“, кажа Нинџа и додаде дека не ги координирал патриотските здруженија и дека на протестите бил на задача на УБК да ги надгледува.

    Тој рече дека не ги знаел и немал никаков контакт со Митко Чавков, Митко Пешов и Душко Лазаров од МВР. Со неговиот брат кој тогаш како телохранител на Никола Груевски бил во Виена, тоа попладне имал телефонски повик поради семејни причини, односно разговарале за здравствената состојба на нивната болна мајка.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира