Руската Меѓународна инвестициска банка (ИИБ) ќе го пресели своето седиште во Будимпешта, откако унгарскиот парламент го одобри потегот со закон, со кој таа ќе добие посебни права и привилегии. Оваа банка важи за законски наследник на „Комекон“ и на банката на некогашната советска економска организација.
Унгарија не само што ќе ја смести банката во јавни објекти, туку и сите трошоци за реновирање, изнајмување и обезбедување ќе ги платат унгарските даночни обврзници.
Договорот ѝ обезбедува и имунитет на банката и унгарските власти ќе можат да влезат само со претходно издадена дозвола, што значи дека ИИБ ќе има статус на дипломатско претставништво или на канцеларија на меѓународна организација. Унгарија ќе обезбеди и одреден број полицајци за заштита на објектот, но тие исто така нема да смеат да влезат внатре без дозвола.
Според договорот, седиштето ќе биде под целосна контрола на ИИБ и сите нејзини средства ќе имаат имунитет на сите ограничувања, регулативи, контроли и мораториуми.
Владата на Виктор Орбан не даде конкретно појаснување за оваа своја одлука и само изјави дека ова има за цел да го засили угледот на Будимпешта и Унгарија како меѓународен финансиски центар.
„ИИБ е тројански коњ на Путин и со ова се отвора патот за влегување на неговите луѓе во Унгарија“, изјави опозициската пратеничка Зита Гурмај.