По бурната расправа ноќеска во Собранието до 5 минути по полноќ, кога без да објасни претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата за одземањето имунитет на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски, денеска се одложени сите активности во парламентот.
Официјално, од кабинетот на Џафери велат дека двете седници и комисиите се одложени поради службено отсуство во странство на повеќемина пратеници и поради тоа немало кворум за работа. Денеска на собраниски седници требаше да се најде пакетот реформски закони за судството, кои се со европско знаменце и се приоритетни, како и уште неколку други предлог-закони со европско знаменце. Одложена е и интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поднесена од група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
Засега нема најава кога ќе бидат закажани овие седници.
На дневен ред на одложената 86. седница беа предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за судовите, за прекршоци и за управни спорови, сите три во второ читање.
С. К. ДЕЛЕВСКА