НИТУ ИМА КИДНАПИРАЊА, НИТУ СЕ ВАДАТ ОРГАНИ, КАЖА МИНИСТЕРОТ ОЛИВЕР СПАСОВСКИ

    НИТУ ИМА КИДНАПИРАЊА, НИТУ СЕ ВАДАТ ОРГАНИ, КАЖА МИНИСТЕРОТ ОЛИВЕР СПАСОВСКИИ судската медицина потврди дека на лицата кои си го одзеле животот не им недостигале органи, изјави министерот Спасовски (Фото: СДК.МК)

    Министерството за внатрешни работи како лаги и дезинформации ги опиша тврдењата дека последните случаи на исчезнати лица во Македонија се поврзани со наводна трговија со човечки органи. Оттаму наведуваат дека во Македонија нема ниту еден случај на убиство заради вадење органи.

    „Ниту има случаи на киднапирање, ниту на лицата кои си го одзеле животот им недостигале органи. Тоа го потврди и судската медицина. Бидете спокојни и не наседнувајте на вакви лаги. Неточно е и дека расте бројот на исчезнати лица во Северна Македонија. Напротив, во 2018 имало 370 пријавени исчезнати лица, а во 2014 биле 574. Во последните пет години, пронаоѓањето на исчезнати лица се реализира со околу 94%“, изјави министерот Оливер Спасовски.

    Тој вели дека за решавање на вакви случаи многу често е потребно подолго време.

    „Ве уверувам дека овие истраги се спроведуваат со целосни посветеност и темелност и потребно е повеќе време да се дојде до резултати. Никогаш нема да се откажеме од вакви случаи, а на оние кои шират шпекулации и лаги за трговија со органи сакам да им порачам дека не помагате и дека само ја зголемувате болката на семејствата. Дел од овие случаи завршуваат со самоубиство и затоа да ја почитуваме приватноста на семејствата“, кажа министерот Спасовски и даде листа препораки како истрагите можат да се забрзаат.

    „Прво контактирајте го МВР, а потоа сите други. Соработувајте со полицијата и дајте ги сите податоци за лицето, за неговите однесување, размислувања и здравствена состојба. Не кријте податоци и обезбедете фотографии и дозвола да се објават. Полицијата активно работи на сите истраги за сите отворени случаи. Ширење гласини и страв не помагаат никому“.

    Спасовски вели дека многу малку треба за да се прошират паника и хистерија во јавноста.

    „Очигледно е дека постои структура на луѓе која пласира лажни информации, било од политички или од други мотиви. Лесно е да седнете пред компјутер и да напишете што било и ќе кренете паника по медиуми и социјални мрежи. Имавме случај и на поранешен началник на МВР, кој објави статус на Фејсбук со тотална лага“, кажа Спасовски.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира