Битолскиот Завод за рехабилитација на слух, глас и говор има само осум логопеди, а го опслужува целиот Југозападен регион во земјава, изјави Дивна Живорадиќ-Најдовска, директор на Заводот, на стручната конференција што се одржа по повод Европскиот ден на логопедијата, а темата беше аутизам.
„Заводите за рехабилитација на слух, глас и говор во Битола и Скопје се единствени во нашата држава на кои основната дејност им е логопедска. Логопеди има некаде и во амбуланти. Во битолскиот Завод имаме осум логопеди, што е алармантно мала бројка, кога ќе се земе предвид дека го покриваме целиот Југозападен регион. Уште најмалку осум недостигаат. Логопедот е тој што ги решева комуникациските проблеми кај децата со аутизам“, рече Живорадиќ-Најдовска.
Експертите од земјава и светот предупредуваат дека бројот на децата со аутизам расте. Во Заводот во Скопје лани вработиле 14 логопеди и тројца дефектолози, што е задоволителна бројка.
„Во Заводот во Скопје, рехабилитацискиот третман на децата со нарушување од аутистичен спектар првпат се спроведува по програма изготвена од стручниот тим на Заводот, во соработка со Универзитетската клиника за психијатрија и претставува мултидисциплинарен пристап. Се применуваат и голем број светски признати методи“, рече Силвана Филипова, директорката на Заводот во Скопје.
Од 1 март, во Заводот во Скопје започна со работа кабинет за рана говорна јазична интервенција, кој има за цел рана детекција, дијагноза и интервенција кај децата со развојни нарушувања до тригодишна возраст.
„За првпат воведовме стандардизација на тестови, прилагодени и преведени на македонски јазик. Раната детекција е важна, зашто заштедува труд и пари и прогнозата е најдобра ако од најмала возраст се почне со рехабилитација. Најраната возраст за откривање аутизам е околу три години“, рече Филипова.
Ж. ЗДРАВКОВСКА