Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување-КАРИЛ доби два монитора за следење витални параметри со два модула за мерење инвазивен притисок, кои се донација од спортска обложувалница.
Министерството за здравство соопшти дека министерот Венко Филипче се заблагодарил на компанијата за донацијата, која е многу важна за работата на медицинскиот кадар и со неа се подобрува функционирањето на КАРИЛ.
„Овие монитори најмногу се потребни за пациентите на интензивна нега, за активно следење витални параметри без кои не може едно современо интензивно одделение“, вели директорката на КАРИЛ д-р Маја Мојсова Мијовска.
Со мониторите се следи крвниот притисок, пулс и пулс оксиметрија, инвазивен притисок и ЕКГ.
Апаратите се донација од спортските обложувалници „Спорт лајф‘, а нивната вредност е 400.000 денари или 6,5 илјади евра.