Бившиот шеф на кампањата на Доналд Трамп, Пол Манафорт, е осуден на 47 месеци затвор за даночна и банкарска измама. Тој минатата година беше обвинет за прикривање приход од десетици милиони долари, што ги заработил како политички консултант во Украина и наредната недела го очекува уште една пресуда, за незаконско лобирање.
Овие обвиненија произлегоа од истрагата за можното мешање на Русија во изборите во 2016 година. Се верува дека 22-месечната истрага на специјалниот советник Роберт Милер е при крај.
Манафорт (69), исто така, ќе мора да врати 24 милиони долари и да плати казна од 500.000 долари.
„Последните две години беа најтешките во мојот живот. Малку е да се каже дека бев понижен и посрамотен“, кажа Манафорт во судот во Александрија, Вирџинија.
Манафорт во Вашингтон важеше за републикански политички гуру, кој советуваше претседатели и странски лидери. Тој беше обвинет дека сокрил 55 милиони долари на офшор банкарски сметки во Кипар, што му биле исплатени за советување на проруски политичари во Украина.