Сопругата на премиерот Зорица Заева беше една од учесничките на маршот за женски права што по повод 8 Март се организираше во Скопје. Со неа беа и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за администрација и информатичко општетство Дамјан Манчевски, како и Зорица Заева. За разлика од лани кога им го држеше мегафонот на учесничките во маршот, овој пат премиерот Зоран Заев не се појави.
Во паркот на „Жената борец“ спроти Собранието, од каде тргна поворката се појави и кандидатката за претседателка на државата предложена од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска- Давкова.
Со порака дека не прифаќаат само декларативна реторика, дваесетина невладини организации за женски права побараа Собранието итно, уште во понеделник, да го донесе Законот за заштита од дискриминација, како и итно да ги донесе Законот за прекин на бременоста и Законот за социјална заштита. Тие маршот за женски права го организираа трета година по ред по повод Меѓународниот ден на жената.
„Владата да обезбеди финансии и институционална поддршка за унапредување на правата на жените, афирмативни мерки за вклучување на жените на пазарот на трудот и механизми за заштита од дискриминација на работното место по родова основа, итно отстранување на дискриминаторските критериуми во националната програма за рурален развој, ефикасна заштита од насилство, итни реформи во здравството за унапредување на репродуктивноста“, порачаа учесниците во маршот.
Е. БОЧВАРОСКА