Во јануари и февруари низ Скопје се запалени и целосно уништени 40 контејнери на „Комунална хигиена“, соопшти градското јавно претпријатие.
„Покрај финансиската штета што му е нанесена на ‘Комунална хигиена‘ сторителите доведуваат до големи проблеми при одлагањето и собирањето на комуналниот отпад во градот. Апелираме да престане уништувањето на опремата, за нашите екипи да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски, согласно Оперативната програма за работа“, велат од „Комунална хигиена“
Сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени до надлежните органи за да се пронајдат и санкционираат сторителите.
Досега никој не е казнет.
Град Скопје пред една година го отвори дежурниот број 193 за пријавување диви погони, палење на гуми, пластика и други штетни матeријали на отвoрено. Општина Карпош отвори дежурен телефонски број 078 257-640, на кој што жителите можат 24 часа да пријават палење отпад.
А. АНТЕВСКА