Шестмина бубрежно болни од ноември до 13 февруари добија нов бубрег од починат донор, по пауза од три години. Националниот координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова-Мијовска на денешната пре-конференција по повод Светскиот ден на бубрегот 14 Март рече дека во овој период се извршени и 20 трансплантации од жив дарител и дека со тоа на овие пациенти им обезбедиле поквалитетен живот. Таа кажа дека веќе им е полесен разговорот и со семејствата на починатите дарители, кои се одлучуваат на овој хуман чин, а дека во светски рамки има 20 вакви донори на милион жители.
„Ние би биле задоволни ако имаме од пет до десет. Последната трансплантација беше направена на 13 февруари, буквално се поклопи со несреќата кај Ласкарци и вработените од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) работеше и на трансплантацијата и на помош на повредените. Уште еднаш би сакала да се заблагодарам на семејствата на дарителите“, рече д-р Мојсова, која е директорка на КАРИЛ.
Директорката на Клиниката за нефрологија д-р Ирена Бушлетиќ рече дека и годинава се вклучуваат во Светската кампања за превенција на бубрежните болести и дека годинава мотото е „Здрави бубрези за сите“, со која треба да се укаже на потребата од раната превенција. Таа рече бубрежните болести во рана фаза може да се откријат и третираат и во примарната и во секундарната здравствена заштита, а причини за појава се артериска хипертензија, дијабетес, автоимуни заболувања.
„Оваа кампања е битна, бидејќи и загрижувачките се податоците дека бројот на бубрежно болни расте, односни дека секој 10 жител во светски рамки има бубрежна слабост, а секој трети е во ризик да развие бубрежна слабост“, рече Бушлетиќ.
Д-р Александар Поповски од Заводот за нефрологија во Струга рече дека опслужуваат над 200.000 жители од Југозападниот Регион и дека според светските и македонските искуства, меѓу 25 и 28 отсто од пациентите кои почнале прва дијализа биле пациенти со дијабетес тип2.
Е. БОЧВАРОСКА