НУЛА ДЕНАРИ ОД МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА ЗА СВЕТСКАТА ИЗЛОЖБА ОД КОЈА СЕ ИЗБИРААТ ТАЛЕНТИТЕ ЗА МОНМАРТР

    НУЛА ДЕНАРИ ОД МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА ЗА СВЕТСКАТА ИЗЛОЖБА ОД КОЈА СЕ ИЗБИРААТ ТАЛЕНТИТЕ ЗА МОНМАРТР„Дали е возможно Детското ликовно студио да постигнува рекордни успеси со Гинисовите изложби низ цел свет, да оди на пет олимпијади, а некој да ја негира ваква изложба?“, вели основачот на „Малиот битолски Монмартр“, Коста Хаџи-Антоновски (Фото: СДК.МК)

    Со солзи во очите, крајно разочаран, Коста Хаџи-Антоновски основачот на најпознатата македонска детска ликовна манифестација во светот „Малиот битолски Монмартр“ реагира што Министерството за култура без денар го остави 37.издание на Светската изложба на детски ликовни творби. Од изложбата секоја година се избираат најдобрите таленти од цел свет кои земаат учество на ликовната колонија на Монмартр. Годинава, изложбата остана без средства за одржување, а веќе се пристигнати рекордни 15.671 цртеж од 333 училишта од 34 земји ширум светот.

    Коста Хаџи-Антоновски, основач на најпознатата македонска детска ликовна манифестација во светот „Малиот битолски Монмартр“ (Фото: СДК.МК)

    „Револтиран сум , ова е голема грешка што Министертвото за култура и откако повторно ја одлучуваше за програмата со проекти што ќе ги поддржи, не се коригира. Дали е возможно Детското ликовно студио да постигнува рекордни успеси со Гинисовите изложби низ цел свет, да оди на пет олимпијади, а некој да ја негира ваква изложба? Со ноќи не можам да спијам. Кога го гледам ова богатство од цртежи насобрани 555 илјади од сите досегашни изложби, се прашувам дали може да пропадне и некој да ја унипшти“, вели Хаџи-Антоновски.

    Годинава од Министерство им се доделени само 100 илјади денари за ликовната колонија на Монмартр што е само 6 проценти од средствата што ги побаруваат.

    „Кога може еден ученик од Хонг Конг за да присуствува на колонијата во нашата држава да плати 100 илјади денари од буџетот на родителите зашто до Битола сами си го плаќаат патот, а толку средства нас да ни додели Министерството за цела колонија. Ова значи негирање на децата. Не смеат вака да се однесуваат кон младите генерации. Со ова се покажува дека националната култура не обрнува внимание кон младите генерации“, рече основачот на Монмартр.

    Тој ги покани членовите на Комисијата за култура да дојде во Битола и да го видат цело тоа богатство на детски цртежи, па потоа нека одлучи дали ќе дадат нула денари за Светската изложба.

    Програмата првично беше објавена на 8 февруари, но поради скандалозните одлуки и бурните реакции од јавноста, премиерот Зоран Заев поништи еден дел од програмата, и заедно со министерот за култура Асаф Адеми дадоа дополнителeн рок на одбиените проекти да достават дополнителни појаснувања и документација за пријавите кои имале формални недостатоци.

    Стручните комисии по одделни дејности од 12 февруари почнаа со повторно разгледување на сите одбиени апликации на конкурсот за Годишната програма. Новите ревидирани резулати беа објавени на 12 март.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира