За терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста при нападот на Собранието на 27 април 2017 година, судијката Добрила Кацарска во Основниот суд Скопје 1 на 16 обвинети им изрече вкупна казна од 211 години затвор.
Ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, како тогашна златна команда за протестите пред Собранието и за време на нападот, осуден е на 18 години затвор. Митко Пешов од МВР доби 15 години затвор. Душко Лазаров од МВР осуден е на 15 години.
Горан Ѓошевски Леви, тогашен шеф на обезбедувањето на Трајко Вељаноски е осуден на 15-годишна затворска казна. Оливер Поповски од МВР на 13 години, неговиот колега Оливер Радулов, на 10-годишна затворска казна. Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање доби 15 години, а Абдуљфета Алими доби 7 години затвор. Игор Дурловски, еден од водачите на протестите За заедничка Македонија, доби ослободителна пресуда.
Од напаѓачите со фантомки, Младен Додевски доби 12 години. Јане Ченто доби 15 години, Горанче Анѓеловски 12 години. Игор Југ кој носел оружје и кој според сведоците и според некои кообвинети, требало да го убие Зоран Заев, осуден е на 12 години затвор. Влатко Трајковски доби 15 години, Вилијам Михајловски 14 години, Никола Митревски Кољо 15 години, Александар Василевски-Нинџа 8 години.
Не смееше да се случи 27 април, крвавиoт четврток во Собранието, рече судијката Добрила Кацарска пред да ги соопшти пресудите. За жал, рече таа, го видовме и срамното однесување на полицијата. Се шетаа низ Собранието, се досадуваа додека безмилосно беа претепувани пратеници, новинари, собраниското обезбедување. Некои од нив пиеја вода, им даваа на насилниците.
„Недолично беше личното обезбедување на Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски Леви, да ја води толпата заедно со Никола Митревски Кољо. Оливер Поповски од МВР гледа како лежи тешко повредениот Зијадин Села, како го тепаат уште и ништо не презема. Мунир Пепиќ го удира Села. И Јане Ченто го удира Села, а потоа и Заев.
И Вилијам Михајловски го удира онесвестениот Села“, потсети Кацарска на снимките кои беа прегледувани како докази во текот на судењето.
Судијката Кацарска поединечно спомна кој од обвинетите каков удел имал и какво насилство извршил во организираниот напад на Собранието.
„Александар Василевски-Нинџа се видел со Сашо Мијалков, а потоа и со раководството на ВМРО-ДПМНЕ, ги организирал фантомките, но факт е дека не влегол во Собранието и не извршил насилство врз пратениците. Абдулфета Алими не спречува да се извадат гредите од собраниските врати, напротив, ги носи клучевите. Но, не може да се игнорира тоа што му го спаси животот на тешко повредениот Зијадин Села“, рече Кацарска, која истото го кажа и за Игор Дурловски, дека тој не извршил насилство.
„Дел од оваа организирана акција неспорно се полициските службеници. Чавков бил известен за се, но не презел ништо. Не презеле ништо да се спречи насилното влегување во Собранието ни од Митко Пешов и Душко Лазаров. Полиција имало сосема малку на 27 април. Ниту го спречил насилното влегување во Собранието, ниту пак презел нешто да ги спаси пратениците од тепање и од опасност некои од нив како Зоран Заев и Зијадин Села да бидат убиени. Тоа не го сториле ни Пешов, ни Лазаров. Тие не само што не ги заштитија пратениците, новинарите и нивните колеги на 27 април 2017 година, туку дополнително им ги загрозија животите“, кажа Кацарска пред да ги изрече пресудите.
Обвинителката за организиран криминал Ивана Трајчева, која денеска е место Вилма Рускоска, која е на службен пат во странство, побара мерката притвор на тие што се веќе во притвор, да биде продолжена до правосилност на пресудата. Но, со оглед на висината на казните, обвинителката Трајчева побара притвор за осудените: Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ и за Абдулфета Алими.
Обвинителката Вилма Рускоска веќе отвори истрага и за нарачателите на нападот во кој беа претепани и повредени пратеници, полицајци и новинари, а Зијадин Села едвај остана жив. Осомничени се: Избеганиот Никола Груевски кој доби азил во Унгарија, Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спире Ристовски, Владимир Атанасовски и избеганиот Никола Бошкоски-Прскач од УБК, кој донел и оружје пред Собранието.
С. К. ДЕЛЕВСКА