1. Одвај го чекам Илинденското обраќање на премиерот. Не за друго, туку посакувам да ја продолжи серијата укинувања на непопуларните решенија на неговата Влада. Баш би било убаво да ни соопшти и укинување на екстерното тестирање во училиштата. Па после ќе му даде задача на Спиро Ристевски да дава изјави дека иако екстерното било добро решение, Владата решила да им излезе во пресрет на одредена категорија граѓани. Исто како што пред три дена министерот за финансии Зоран Ставрески мораше да го образложува укинувањето на законот за придонесите на хонорарите. Иако, како што рече, Владата сè уште смета дека тоа е добро и праведно решение. Исто како што Владата ги намали казните за фирмите, оти тоа било на барање на бизнисите. И како што ги намали прекршочните казни, затоа што веројатно мислат дека веќе неè превоспитале и сега сме поумни. И како што ја укинаа лустрацијата. На крај ќе го пуштат пратеникот Илија Димовски да дава изјави со кои ќе нè убедува во користа од укинувањето на законите. Тоа Илија ќе го прави со истата страст и посветеност со која пред само неколку месеци нè убедуваше дека тие закони се носат за доброто на сите.
А и нам крајот не ни се фаќа. Убаво си кажа Ставрески – ако го укинеме законот, зошто го укинуваме, а ако не го укинеме, зошто не го укинуваме. Си го кажа тоа и си се насмеа. Тој си знае зошто. А и ние, богами, оти барем него со свои уши неколку пати го слушнавме дека ни самиот не верува во тоа што го зборува.
Туку што правиме со пратениците? Истите пратеници што сега среде лето ќе мораат да го гласаат по итна постапка токму спротивното што исто така среде лето баш ова време пред една година, по итна постапка го изгласаа и си заминаа на одмор. Не им е ли барем малку срам? Или тие се платени да го јадат срамот на Владата? Без оглед што се избрани од граѓаните.
Откако направија паника со исплатата на хонорарите, откако го нарушија секојдневното работење на приватните компании, откако направија хаос во пензискиот фонд и УЈП, откако хонорарците и со платени придонеси останаа без здравствено осигурување, сега одеднаш го слушаат гласот на народот. А не го слушаа пред седум месеци кога илјадници незадоволници протестираа и викаа по улиците. Па и нам ни забрануваа да пишуваме, демек – ај олабавете малку со тоа хонорарците. Е сега решиле да излезат во пресрет на барањата на граѓаните.
Море не ќе да е до слушањето. Не ќе да е ни до нивната добра волја. До датумот за избори ќе да е. Само што сега веќе не можат да скријат дека самите не веруваат во тоа што го зборуваат. Оти чувме дека стварно не веруваат. Ни во тоа што го остваруваат.
2. Мислев дека хотелиерите на мајтап предложија распустот на учениците да се одложи до 15 септември. Ама Владата сериозно му пристапила на предлогот. Па министрите дури и расправале и одлучиле почетокот на школската година сепак да биде на 1 септември.
Баш ме интересира како мислеле Владата да ги натера луѓето да ги полнат хотелите ама баш само низ Македонија, макар и во тие 15 дополнителни дена од распустот. Сигурно паднал и некој паметен предлог кога веќе сериозно расправале на таа тема.
3. Нели овие од СДСМ бараа системот да се смени? Нели тоа беше суштината на објавувањето на бомбите? Не само Груевски да се симне од власт, туку системот на Груевски целосно да се демонтира. Па нели Заев секоја прес-конференција по објавувањето на бомбите ја завршуваше со зборовите: “Да не дозволиме ова зло никогаш да не се повтори”. А сега… Кога почнаа да се договараат за промени на изборниот систем одеднаш викаат дека Македонија сè уште не била спремна за една изборна единица и за отворени листи. Па кога ќе биде спремна? Дваесет и пет години чекаме да се спремиме.
Што им е? Се исплашија дека ќе го изгубат монополот на демократијата? Дека политиката е само за нив и ВМРО-ДПМНЕ, со ДУИ и ДПА како соучесници. Или, како што ги отворија муабетите за нови избори сфатија дека тоа зло што го споменуваше Заев и не е баш толку големо. И дека не е баш толку штета ако се повтори.
Изгледа заборавија на митингот од 17 мај. Нека се потсетат кој сè излезе на тој митинг. Нека се потсетат кој ги размрда. Заборавија на Студентскиот пленум како предвесник на ослободувањето од стравот кој и нив ги охрабри. Тие уште пред бомбите излегоа за нов почеток за демократска Македонија. Пред нив СДСМ ни 300 луѓе не собираше. Тие излегоа против стравот, против киднапирањето на државата од партијата, против партиските вработувања, против изборните уцени и закани, против цензурираната вистина, против крадењето на изборите… Тие луѓе не излегоа да го сменат злото на ВМРО со злото на СДСМ.
Човече, па тие и јавниот сервис би го делеле. Едни куртон вести со други да сменат? Па и познатите стари сончогледи веќе си фаќаат приклучок. Си ги вадат од нафталин старите маици.
Како што се отвораат темите од договорот во Пржино, така СДСМ сè повеќе се бави со партиските интереси, а не со граѓанските. И мисли дека така ќе се врати на власт. Ако сакаат кога ќе пораснат од СДСМ да се претворат во ВМРО-ДПМНЕ, џабе им беа бомбите. По толку испукани бомби, најважната ќе им пукне во рака.
По четврт век сме стигнале до некое дно од кое се излегува само со нов почеток. Како најголема опозициска партија СДСМ сега ја има историската шанса да го смени системот. Ама прашање е дали се спремни да понесат и историска одговорност. Ако ги сведат преговорите само на тоа кој ќе стане министер, а кој директор и колку пратеници ќе соберат за комотно владеење без да се договараат со другите, в година ова време пак ќе се расправаме со истите проблеми. Едните ќе ги уценуваат своите дека ќе ја изгубат работата, другите ќе си ја јакнат желбата за одмазда, а тие што не се ни со едните, ни со другите, разочарани ќе си ги пакуваат куферите. Што подалеку од тука, дури и без желба за гласање во дијаспората. И така сложно СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе можат на раат да си се спремаат уште 25 години да направат држава.
4. Една анонимна уметничка група својот однос кон Скопје 2014 го изразува преку герилски перформанси. Прво ставаа очи на дрвата, па мајмуни на палмите, па перки од ајкули во Вардар, а во средата пред галиите во Вардар и на автобуските постојки низ Скопје закачија возен ред за пловидба до Солун и до Пустец.
Во исто време градот Скопје, кој од Македонски шуми доби на подарок стотици палми, најави дека ќе купува тушови за одржување на палморедите. Така оди тоа. На герила акција оди контрагерила. Ти мене ајкули во Вардар, јас тебе тушови за палми.
5. Десетгодишно дете загина од заскитан куршум. Ама тоа не е главна вест во земја во која криминалец со досие и две имиња може да стане заменик директор на УЈП, кој потоа го убиваат на улица среде бел ден во криминална одмазда.
Освен ако и ДУИ не почнала да се спрема за избори. Со ефикасно прочистување на изборниот список.