ВМРО-ДПМНЕ БАРА АМНЕСТИЈА ЗА СЛУЧАИТЕ НА СЈО, ВЕЛИ ДЕСКОСКА, МИЛОШОСКИ ПРЕДЛАГА ОДНОВО ДА СЕ БИРААТ СПЕЦИЈАЛНИ ОБВИНИТЕЛИ

    ВМРО-ДПМНЕ БАРА АМНЕСТИЈА ЗА СЛУЧАИТЕ НА СЈО, ВЕЛИ ДЕСКОСКА, МИЛОШОСКИ ПРЕДЛАГА ОДНОВО ДА СЕ БИРААТ СПЕЦИЈАЛНИ ОБВИНИТЕЛИСо новиот Закон за јавно обвинителство треба да се реши статусот на Специјалното јавно обвинителство. - Специјалните обвинителки Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска (архивска фотографија)

    Министерката за правда Рената Дескоска вели дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ во новиот Закон за Јавно обвинителство да се вметне одредба согласно која би престанале сите постапки на СЈО отворени по 30 јуни 2017 значи амнестија и за такво нешто нема простор во законот. Претставници на власта и опозиција денеска имаа уште една средба за Законот за јавно обвинителство, со кој треба да се реши статусот на Специјалното јавно обвинителство и еден од реформските закони кои се услов од ЕУ за добивање датум за почеток на преговорите.

    „Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе достави конкретни амандмани, ќе има нова средба да се разгледаат. Апстрактни дебати за толкување на принципи во овој момент значат губење време, а во овој момент временските рокови нè газат. Закон за Јавно обвинителство со одредба согласно нивното барање сите постапки кои не се отворени до 30 јуни 2017 да престанат и сите докази да паднат во вода би значело амнестија. За тоа, простор во законот нема“, изјави Дескоска по денешната средба во Министерството за правда.

    Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ по средбата рече дека ако кај власта има расположение, нивните забелешки можат да бидат инкорпорирани во новиот закон, додавајќи дека сега топката е кај СДСМ.

    „Минатиот пат доставивме 123 страни забелешки кои министерството ако е расположено може да ги инкорпорира во законскиот текст. Не можеме да дадеме поддршка на закон во кој не сме биле вклучени да учествувавме во квалитетот на текстот. Топката сега е кај Социјалдемократскиот сојуз како партија. Ние цениме дека секој обвинител кој сега работи во СЈО треба да има еднакво право како секој обвинител кој сега работи во основно или републичко обвинителство да конкурира и според мерит систем на вредности да биде избран или да не биде избран како дел од тоа специјално одделение во државното обвинителство“, изјави Милошоски.

    Денешната средба траеше еден час, за разлика од петчасовната средба во понеделникот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира