Тимот на Специјална олимпијада Македонија од Летните олимписки игри во Абу Даби се врати со освоени 9 медали во спортските дисциплини и едно второ место во танц. Ова е најголемиот успех што досега го постигнале македонските специјални олимпијци.
Марио Мицковски освои две златни медали во пливање на 25 метри грбно и 50 метри слободен стил, Стефан Трпковски освои златен медал во пливање на 50 метри во слободен стил, Сара Дураку во атлетика освои два бронзени медали во трките на 100 метри и на 50 метри, а Ардијан Шабани во трката на 25 метри освои сребрен медал, додека во трката на 50 метри бронзен медал.
Спортистите од Специјална олимпијада Македонија успешни беа и во групните спортови каде кошаркарите освоија бронзен медал. Второто место во латино танци го освои Јулијана Петровска.
„Сум учествувал на многу натпревари и спортски манифестации, но ова беше мое најголемо искуство и многу сум горд на сè она што го постигнаа нашите спортисти на оваа специјална олимпијада. Се натпреваруваа над 6.000 спортисти од целиот свет, а беа застапени сите спортови како и на сите други олимпијади. Јас врз себе имав навистина голем товар, бев во улога да водам еден тим кој ја претставува целата држава и токму затоа сум пресреќен што сите направивме еден ваков извонреден успех“, вели Ифраим Љута кој на специјалната олимпијада учествуваше како тренер на нашите атлети.
Целиот македонски тим го сочинуваа 18 спортисти кои беа поделени во три екипи: 10 кошаркари, 4 пливачи и 4 атлетичари заедно со нивните тренери и претставници на Специјална олимпијада Македонија. Натпреварите во кошарка се одржувале во Абу Даби, а во атлетика и пливање во Дубаи каде било и отворањето на Олимпијадата.
„Нашата екипата во атлетика ја сочинуваа Сара Дураку и Вилдане Амети, кои се ученички во деветто и петто одделение во посебната паралелка во основното училиште ’Лирија‘ во Тетово и Агрон Хајредини, Ардијан Шабани кои се повозрасни. Сите се од Тетово. Сара освои два бронзени медали а Ардијан сребрен и бронзен медал. Вилдане, која трчаше во трките на 25 метри и на 50 метри исто така постигна добар резултат, беше прва, но според правилата на Специјалната олимпијада, поради тоа што немаше баланс помеѓу резултатот во квалификациите и резултатот остварен во финалето, не и беше доделен златен медал туку доби само медал за учество на олимпијадата. И Агрон Хајредини извонредно трчаше. Освои две четврти места и малку му недостасуваше и тој да освои бронзен медал“, вели тренерот Љута за своите атлетичари.
Ифраим Љута, иако е лице со оштетен вид, и самиот е извонреден атлетичар кој досега има освојувано многу медали на домашни и меѓународни натпревари. Сега своето знаење и искуство го пренесува врз овие млади атлетичари од Тетово.
„И на мене самиот просто не ми се верува колку овие мои атлетичари беа мотивирани да учествуваат во натпреварите, колкава само беше нивната желба да се натпреваруваат но, и колку беа емотивни кога ги постигнаа овие резултати и кога ги добија медалите. Ардијан беше многу радосен, презадоволен и успеа да ја сфати големината на ова негово постигнување. Имаше малку трема на почетокот, во еден момент дури сакаше и да се откаже но, кога ја истрча првата трка и успеа да освои медал ми рече дека од сега ќе трча без страв. Тоа го исполни и успеа да го освои и вториот медал. За трката во која учествуваше Ардијан има уште еден интересен детал. Еден од учесниците на таа трка беше и натпреварувач од Јамајка, па таа трка на својот фејсбук профил ја постира еден од најголемите атлетски имиња на сите времиња Јусеин Болт. За Сара овие Олимписки игри помина со големи емоции. Кога заврши првата нејзина трка на 200 метри резултатите не беа веднаш објавени и моравме да чекаме дури два дена. Се анализираа сите резултати, се проверуваше дали се прекршени зададените лимити според правилата на олимпијадата. Како минуваше времето Сара се повеќе стравуваше дали ќе добие медал, но благодарение на Елена Зисовска, која беше дел од нашиот тим, Сара ја совлада оваа своја емотивна криза и успеавме да ја подготвиме за следната трка каде повторно беше извонредна и се закити со уште еден медал. Таа беше толку многу среќна и толку многу се радуваше на освоените медали што плачеше од радост и не сакаше да се врати назад во Македонија. Едвај ја смиривме на аеродромот. Тоа за неа беше навистина огромно доживување. Сите заедно се радувавме на постигнатите резултати и на пливачите, и на кошаркарите и секако и на успехот на Јулијана во латино танц. Затоа сакам да изразам и голема благодарност до Специјална олимпијада Македонија, кои ги почитуваа моите досегашни постигнувања и ме поканија, заедно со овие мои атлетичари, да бидаме дел од овој тим. Благодарение на нивното огромно залагање, беспрекорна организација и големата посветеност кон работата ние ги постигнавме овие извонредни резултати“, раскажува Љута.
Ова беше 5. Летна олимпијада, која овој пат се одржа во Абу Даби. Македонија досега била учесник на сите вакви олимпијади, но сега настапи со најмногу натпреварувачи и освои најмногу медали. Следната Специјална олимпијада е после 4 години и ќе се одржи во Берлин, Германија.
З. АНДОНОВ