И ПРЕД ДВЕ ГОДИНИ ГО ИМАВ ИСТИОТ ИМОТ, ТОГАШ БЕШЕ ОДБИЕНО БАРАЊЕТО ЗА ПРИТВОР, КАЖА МИЈАЛКОВ ВО ЖАЛБАТА ПРЕД АПЕЛАЦИЈА

    И ПРЕД ДВЕ ГОДИНИ ГО ИМАВ ИСТИОТ ИМОТ, ТОГАШ БЕШЕ ОДБИЕНО БАРАЊЕТО ЗА ПРИТВОР, КАЖА МИЈАЛКОВ ВО ЖАЛБАТА ПРЕД АПЕЛАЦИЈАСашо Мијалков на изрекување на пресудата за „Титаник 2“ во Основниот суд Скопје 1 на 8 март. (Фото: СДК.МК)

    Сите осудени во „Титаник 2“ на СЈО, вклучувајќи ги притворените Сашо Мијалков и Бедредин Ибраими, поднеле жалби до Апелациониот суд против мерките за обезбедување присуство, само Мендух Тачи не. Тој доби мерка до правосилност на пресудата за овој предмет, секој четврток да се јавува во Основниот суд Скопје 1.

    Јавна седница по поднесените жалби против овие и мерките притвор, во Апелациониот суд Скопје побарале само Мијалков и Сајковски.

    „Излагањето на обвинителката Фатиме Фетаи ме инспирира по однос на околностите за притворот, па еве, сакам да ја рефреширам меморијата на обвинителите од СЈО, на судот и на јавноста, дека истите овие околности важеа и пред околу 2 години кога беше одбиено барањето против мене за притвор. Мојот имот дома и во странство е овој истиов денеска. И тогаш се водеа истите постапки кои се водат и денеска, предвидените казни се тие. Контакти со бивши странски колеги имав и тогаш. Дадов збор пред овој суд дека нема да бегам и стојам на тој збор. Јас ќе го одржам“, рече осудениот Мијалков, кој со жалбата бара да му се укине мерката притвор.

    Тој сега има пресуда за „Титаник 2“ и уште една истрага за „Империја“.

    Адвокатите на Мијалков ја нападнаа одлуката на Основниот суд Скопје 1 покрај куќниот за „Империја“, кој уште е во сила, да му изрече и ефективен притвор за Титаник 2, поради опасност од бегство. СЈО не донесе докази за индиции за бегство на Мијалков, рекоа тие.

    „Мијалков има пријавено привремен престој во Чешка, тој и членови на семејството имаат дома и во странство имот на свое име, има контакти со разузнавачки служби и против него се водат постапки за други кривични дела. Тоа се докази за опасност од бегство на обвинетиот Сашо Мијалков што ги констатирал и Основниот суд Скопје 1“, рече обвинителката на СЈО Фатиме Фетаи.

    Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков е неправосилно осуден на три години затвор, а лидерот на ДПА Мендух Тачи на 3 години и 2 месеца во предметот на СЈО „Титаник 2“. Бедредин Ибраими доби казна затвор од 4 години и 6 месеци, Влатко Сајковски 3 години, Сашо Срцев доби 3 години и Елизабета Стефановска исто така на 3 години затвор.

    Тачи, Ибраими, Сајковски, Срцев и Стефановска се осудени за злоупотреба на службената положба и овластувањата, а Тачи дополнително и за поттикнување.

    Мијалков е осуден за примање награда за противзаконито влијание, кривично дело што им се става на товар на луѓе на моќни функции, во случајов како тогашен директор на УБК, кои замолуваат или наредуваат на други функционери и лица за да сторат кривично дело.

    Апелациониот суд треба да донесе одлука по жалбите најдоцна за два дена.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира