Анонимна организација која вели дека работи на соборувањето на Ким Џонг-Ун ја презеде одговорноста за упадот во амбасадата на Северна Кореја во Мадрид.
„Чеолима сивил дифенс“ (ЦДЦ), самопрогласена група за човекови права, наводно избегала со компјутери, телефон и со хард дискови. Тие негираат дека употребиле сила при инцидентот што се случил на 22 февруари, додавајќи дека тоа не бил напад. Сепак, шпански суд соопшти дека десетчлената група ги малтретирала и испрашувала вработените во амбасадата.
Останува нејасно зошто се случил упадот. „Чеолима“ појасни на интернет дека „одговориле на итна ситуација во рамките на амбасадата“.
„Нашата цел е да ги заштитиме оние на кои им треба помош. Засега не можеме да кажеме повеќе“, објави групата, додавајќи дека со ФБИ споделила „информации од огромна вредност“.
Откако судот во Мадрид ја тргнал ознаката за тајност од случајот, се дознало дека членовите на групата се задржале во амбасадата пет часа.
„Тие се идентификувале како членови на движење за човекови права кое се бори за ослободување на Северна Кореја. Тие го испрашувале трговскиот аташе и побарале од него да пребегне, што тој го одбил. Вработените биле држени како заложници неколку часа и полицијата била известена за инцидентот откако една жена успеала да избега“, изјавија од судот.
Во групата наводно имало Корејци, државјани на САД, Мексико и Јужна Кореја.