АКО ДРЖАВАТА НЕ НИ ПОМОГНЕ, ОВЦАТА ЌЕ ЈА ИМА САМО ВО ЗООЛОШКА, РЕКОА СТОЧАРИТЕ НА ДЕНЕШНИОТ ПРОТЕСТ

    АКО ДРЖАВАТА НЕ НИ ПОМОГНЕ, ОВЦАТА ЌЕ ЈА ИМА САМО ВО ЗООЛОШКА, РЕКОА СТОЧАРИТЕ НА ДЕНЕШНИОТ ПРОТЕСТАко по изборите не го добијат ветеното, протестите ќе се радикализираат, најавија сточарите (Фото: СДК.МК)

    Ако државата не им помогне на сточарите, овцата ќе ја има само во зоолошка градина, беше кажано на денешниот протест во Велес.

    Сточарите од земјава денеска на пладне протестираа пред подрачната единица на Министерството за земјоделие во Велес. Не беа само од Велешко, ги имаше и од Кочанско, Овче Поле, Прилепско, Преспанско. Сите тие се незадоволни од откупот на јагнето, откупната цена и од неисплатените субвенции за дел од сточарите.

    Претставниците на сточарите вчера имале средба во Министерството за земјоделие со две барања: поради ниската откупна цена, државата да интервенира со дополнителна мерка со која ќе се доплати разликата помеѓу производната и пазарната цена на јагнето, а за сточарите кои не добиле субвенции, да се забрза постапката.

    „По завршувањето на откупот на јагнето, ќе се анализираат податоците, а по вториот круг од претседателските избори, Министерството ќе излезе со соодветно решение, со цел сточарите да не трпат загуби. Во однос на неисплатените субвенции, Министерството за тоа ќе ја извести Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Сите јагниња во претстојниот период ќе бидат откупени“, кажа раководителот на Подрачната единица на Министерството за земјоделие во Велес, Зоран Наков.

    Од денеска треба ефективно да почне откупот на јагнињата.

    „Цената ја одредуваат кланичарите и се движи од 120 до 135 денари за килограм жива мера. Ако по изборите не го добиеме ветеното, протестите ќе се радикализираат. Ако не се исплати таа разлика, овците ќе ги има само во зоолошка градина“, рече Митко Јанков, сточар и претседател на здружението „Агро центар“.

    Овие информации не ги задоволија сточарите и тие со резерва ги примија ветувањата.

    „Многу пати ни е ветено, многу пати бевме изманипулирани. Нѐ лажеле многу министри. Мислат дека има многу пари, а не знаат колку трошоци има во сточарството. Еве, волната со години не се откупува и завршува во ѓубре“, рече Бајрам Муслиу од Горно Јаболчиште.

    Од Министерството соопштија дека до минатата седмица се откупени 15.000 јагниња.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира