МИЈАЛКОВ ЌЕ БИДЕ ВО КУЌЕН ПРИТВОР САМО ЕДЕН МЕСЕЦ, ТОЈ Е ОБВИНЕТ ЗА ПОЛЕСНО ДЕЛО, ПРОЦЕНИ АПЕЛАЦИЈА

    МИЈАЛКОВ ЌЕ БИДЕ ВО КУЌЕН ПРИТВОР САМО ЕДЕН МЕСЕЦ, ТОЈ Е ОБВИНЕТ ЗА ПОЛЕСНО ДЕЛО, ПРОЦЕНИ АПЕЛАЦИЈАЕксдиректорот на УБК Сашо Мијалков на изрекувањето на пресудата за „Титаник 2“ на 8 март во Основниот суд Скопје 1. (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд Скопје ја уважи жалбата на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, неправосилно осуден на три години затвор во случајот „Титаник 2“ на СЈО, и му го замени притворот во затворот во Шутка со куќен притвор до правосилност на пресудата.

    Основниот суд Скопје 1 на 8 март го осуди Сашо Мијалков на три години затвор за примање награда за противзаконито влијание, кривично дело што им се става на товар на луѓе на моќни функции, во случајов како поранешен директор на УБК, кои замолуваат или наредуваат на други функционери и лица за да сторат кривично дело.

    Но, одлуката за куќен притвор за Мијалков е до правосилност на пресудата, но најдолго 60 дена, сметано од 8 март за него. Тогаш му беше изречена пресудата во Основниот суд Скопје 1. Мијалков по еден месец ќе биде на слобода, затоа што за него не е поднесено обвинение, туку обвинителен предлог, според кој предвидената казна е помала, од една до 5 години затвор,  појаснуваат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Скопска апелација.

    Куќен место ефективен притвор доби и Бедредин Ибраими, кој беше првостепено осуден на 4 години и 6 месеци затвор за злоупотреба на службената положба и овластувањата. Според одлуката на Апелација, куќниот притвор за Ибраими е до правосилност на пресудата, односно до почетокот на издржување на казната. Ова е зашто кај него е редовна постапката со обвинение според кое пропишаната казна за делото е најмалку 5 години затвор.

    Веднаш по изрекување на пресудата на 8 март, Мијалков и Ибраими беа спроведени во притвор во затворот во Шутка.

    Според првостепената пресуда, Мијалков нарачал преку лидерот на ДПА Мендух Тачи да му наложи на сопартиецот од ДИК Бедредин Ибраими да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ на штета на тогашниот кандидат за градоначалник Зоран Заев.

    На три години затвор во „Титаник 2“ беа осудени и поранешните членови на ДИК Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Елизабета Стефановска, додека лидерот на ДПА Мендух Тачи беше осуден на 3 години и 2 месеца затвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира