На развојот на туризмот во пограничниот регион, почнувајќи од Пелагонискиот Регион, Преспа и Лерин, па до Солун, работат Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион од Битола со четири партнери од македонска и грчка страна. Проектот „I TOUR“ треба да ги зголеми можностите за развој на туризмот преку искористување на веќе постоечките ресурси.
„Ќе се извршат дефинирање и адресирање на проблемите и недостатоците кои ги има помеѓу Северна Македонија и Грција, а тоа е немање на заеднички туристички производ и недоволна искористеност на постоечките потенцијали на овие региони. Ќе се мапираат постоечките туристички потенцијали и ќе се изработат три готови туристички понуди, кои потоа ќе се промовираат преку меѓународни тур-оператори и саеми“, рече Гого Видимче, директор на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.
Од локациите кои се туристички атрактивни, ќе бидат опфатени и античките локалитети од двете страни на границата, Хераклеја Ликестис и Пела.
„Имаме буџет за експерти, а партнери во проектот се и Факултетот за туризам во Охрид и ‘Аристотелис‘ во Солун. Тие веќе имаат направено мапирање на потенцијално атрактивните туристички места и врз основа на тоа, ќе се изработуваат турите, со кои ќе бидат опфатени сите можни области“, додаде Видимче.
Заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески рече дека преку ИПА-фондовите за прекугранична соработка со Грција, до 2020 година на располагање се 45 милиони евра, што ќе го опфати и отворањето на граничниот премин Маркова Нога во Преспа.
Ж. ЗДРАВКОВСКА