Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека преговарачките групи на власта и опозицијата немаат обезбедено двотретинско мнозинство за законот со кој треба да се реши статусот на СЈО и за тоа не е виновно Собранието. Тој се огласи на Фејсбук откако министерката за правда Рената Дескоска вчера му забележа за изјавата дека и да се договорат партиите за СЈО, тој нема да закаже седница за да се изгласа законот додека не завршат претседателските избори.
Таа рече дека правото кога ќе ја закаже е негово и дискреционо, но изјавата делувала демотивирачки кај претставниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои прашале зошто да брзаат со преговори кога спикерот и онака нема намера за време на предизборната кампања да закаже седница за Законот за јавно обвинителство.
„Не треба да има претензии дека недостатокот на успехот на преговарањата треба да се покријат со Собранието. Преговарачките групи немаат обезбедено 2/3 мнозинство. За тоа кој на кого му аргументира ќе оценат граѓаните. Законот за СЈО во тоа време е донесен во Собранието со консензус од 4 најголеми политички партии и со консензус треба да се изгласа“, вели Џафери и додава дека секоја друга комуникација ќе биде извршена само по институционален пат и согласно собраниските процедури.
Претставници на власта и опозицијата досега имаа три средби во Министерството за правда за иднината на СЈО, но и двете страни велат дека нема забележителен напредок во преговорите.