Во Битола, град кој се гордее со своето конзулско минато, во строгото градско јадро се распаѓаат некогашните британски и српски конзулат. Фасадите на поранешните архитектонски бисери се во распаѓање, а прозорците искршени, иако зградите се под заштита како историско наследство.
Британскиот е најстариот конзулат во Битола отворен во далечната 1851 година. Денес е во сопственост на државата, а ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор го издава под наем на ќираџии. Семејството кое со години живее во некогашното конзуларно преставништво, не сака јавно да зборува, но очигледно е дека се соочува со повеќе проблеми околу неговото одржување. Покривот е во распаѓање, едниот ѕид е обрасната со коров, а има и траги од пожар.
Министерската за култура Елизабета Канческа Милевска најави реставрација на објектот уште во 2012 година, како дел од проектот за обнова на фасади во значајни градски јадра. Но, до реставрација не дојде, а средствата беа пренаменети за друг проект. До денес објектот остана заштитен само на хартија.
На истата конзулска улица „Кирил и Методиј“, која е паралелна со Широк Сокак, се распаѓа и поранешниот српски конзулат. Со својот денешен руиниран изглед послужи како дел од сценографијата за снимањето на филмот „Ослободувањето на Скопје“ на Раде Шербеџија. Надлежните со години објаснуваат дека не го реставрирале зашто е во приватна сопственост на семејства кои живеат во Белград.
Освен овие два конзулати, во распаѓање се и други градби од конзулско време, кои денес се во државна сопственост. Меѓу нив најпозната е зградата на Офицерскиот дом, и некогаш грандиозниот објект каде до неодамна работеше трудовата инспекција, но неодамна се исели.
Во Битола се реставрирани фасадите од објектите на Широк Сокак на државна сметка, како и зградата на музичкото училиште и гимназијата каде се работи деновиве. Во уличките околу Широк Сокак има повеќе стари објекти кои се распаѓааат.
Не постојат субвенции од државата кои би им помогнале на сопствениците да ги поправат фасадите на старите куќи, а таквите зафати не се едноставни зашто се под заштита.
Државата покажа голема грижа за фасадата на битолската општина за време на протестите на Шарената револуција беше гaѓана со боја за време на протестите на Шарената револуција. Беа поднесени кривични пријави против 26 битолчани за уништување туѓи предмети, оти зградата се води како споменик на културата.