АСАНЖ СЕ СООЧУВА СО ЕКСТРАДИЦИЈА ВО САД И ПЕТ ГОДИНИ ЗАТВОР

    АСАНЖ СЕ СООЧУВА СО ЕКСТРАДИЦИЈА ВО САД И ПЕТ ГОДИНИ ЗАТВОРСАД го бараат Асанж за хакирање и објавување доверливи информации за разузнавачки операции (Фото: АП)

    Водечките британски опозициски политичари ја повикаа владата да ја спречи евентуалната екстрадиција на Џулијан Асанж во САД, откако тој вчера беше извлечен од еквадорската амбасада во Лондон и одведен во притвор. Ако биде префрлен во САД, Асанж, кој е австралиски државјанин, би можел да се соочи со пет години затвор за хакирање компјутери на Пентагон и за објавување доверливи информации за американски разузнавачки операции.

    „Асанж ќе добие конзуларна помош, но не и специјален третман. Прашањето на екстрадиција е работа на САД и Велика Британија“, изјави австралискиот премиер Џејмс Морисон.

    По 2.847 дена поминати во амбасадата, 47-годишниот Асанж вчера беше уапсен, откако Еквадор му го повлече политичкиот азил и ја повика полицијата да го изведе надвор. Доцна синоќа, тој беше прогласен за виновен за непочитување на судска одлука од 2012 година, за што би можел да добие 12 месеци затвор во Британија.

    „Апсењето на Асанж е опасен преседан, бидејќи претставува сериозен напад врз слободата на говорот“, изјави неговата адвокатка Џенифер Робинсон.

    Во САД, Доналд Трамп изјави дека „не знае ништо за Викиликс и дека тоа не е негова работа“. Сепак, во последниот месец од својата кампања во 2016 година, тој дури 164 пати го спомна Викиликс.

    „Велика Британија треба да се спротивстави на екстрадицијата на Асанж во САД, бидејќи тој изложи докази за злосторствата во Ирак и Авганистан“, кажа опозицискиот лидер Џереми Корбин.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира