Полицијата на Шри Ланка идентификуваше осум од деветте бомбаши самоубијци, кои во неделата убија повеќе од 350 луѓе во серија напади на цркви и хотели во главниот град Коломбо. Меѓу напаѓачите нема странски државјани и постои можност еден од нив да е жена.
Исламска држава вчера ја презеде одговорноста за нападите, но не даде ниту еден доказ за тоа.
Властите изјавија дека еден од напаѓачите се образувал во Велика Британија и Австралија, пред да се врати дома.
„Веруваме дека еден од бомбашите студирал во Британија и потоа бил на постдипломски студии во Австралија. Повеќето од напаѓачите биле добро образовани и доаѓаат од фамилии од средна или од повисока средна класа. Значи, станува збор за луѓе кои финансиски биле доста стабилни и независни“, изјави заменик министерот за одбрана Руван Виџавардене.
Властите ја зголемија бројката на загинати на 359, а повеќе од 500 луѓе се повредени.
„Во земјата постои постојана закана од тероризам. Тие можат да удрат без предупредување“, изјави американската амбасадорка во Шри Ланка, Алејна Теплиц.
Владата на Шри Ланка верува дека зад нападите стои локалната исламистичка група Нешнал товид џамат, која веројатно имала меѓународни врски.