СО СВОИТЕ ТАЛЕНТИ ГИ ПОБИВААТ ТЕОРИИТЕ НА УМЕТНОСТА, ВЕЛИ ПРОФЕСОРОТ БЕДИ ИБРАХИМ ЗА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ

СО СВОИТЕ ТАЛЕНТИ ГИ ПОБИВААТ ТЕОРИИТЕ НА УМЕТНОСТА, ВЕЛИ ПРОФЕСОРОТ БЕДИ ИБРАХИМ ЗА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТПрофесорот и вајар Беди Ибрахим, кој ги водеше работилниците за ликовно-едукативниот проект на Националната галерија на Северна Македонија и на холандската амбасада во Македонија, „Уметност за сите“(Фото: К. Попов/ И. Василев )

„Децата со попреченост се среќни додека слободно творат, а ние сме уште посреќни“, вели уметникот и професор Беди Ибрахим, кој е дел од тимот на ликовно-едукативниот проект „Уметност за сите“ на Националната галерија (НГСМ) и на холандската амбасада во земјава. Проектот, кој го координира кустостот од НГСМ Маја Димитрова, е наменет за децата со аутизам и оштетен говор, слух и вид, од најрана училишна возраст до завршување на средното училиште.

Ибрахим, кој е продекан и професор по вајарство на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) работеше на две фази од проектот, првата беше работилницата со учениците од училиштето за слепи лица „Димитар Влахов“ и од училиштето за деца со оштетен слух и говор „Партение Зографски“, а делата беа изложени лани во декември. Неодамна во Чифте амам, беше отворена изложбата „Пролет, лето, есен, зима… и повторно пролет“ со дела на ученици со аутизам, која беше резултат на работилниците со Ибрахим.

Од работилницата за изложбата „Пролет, лето, есен, зима… и повторно пролет“ во Чифте амам (Фото: Национална галерија на Северна Македонија)

Тој вели дека од 2009 соработува со Дневниот центар за лица со попреченост „Порака“ и дека се радува оти може креативно да соработува со нив, да им помага во слободата на изразување.

„Кога ние скулпторите работиме, го гледаме техничкиот аспект, да се додаде или одземе. Кај лицата со попреченост е интересно оти се водат по мирисот, допирот на земјата, на глината, на водата. Бидејќи се работи со прсти, целата енергија ја пренесуваат во формата. Никогаш не им сугерираме дали да користат жолта или зелена боја. Ние знаеме теории дека не оди сина со жолта на пример, но во ваков вид на процеси ќе се побијат и некои теории. Во математиката два и два се четири, но во уметноста може да се три или пет. Тоа што мислиме ние дека не може, може, и добро изгледа. Учениците беа успешни и кога боеја и кога цртаа на платно“, вели Ибрахим.

Тој кажува дека за време на последната работилница, еден од учениците работел со техника на платно која се користи во Турција, сликање во вода. Еден вид графика, но обратен процес, каде се нанесува боја, па врз бојата хартија, и се извлекува.

„Од 2011 сум на факултет, и со овие работилници се чувстувам најсреќен, најисполнет. Многу работи може да се научат само ако има љубов, кој е тој до мене и што можам да му пружам“,вели Ибрахим (Фото: СДК.МК)

„Немавме услови за да го натопиме платното во вода, и го наводнувавме доста мокро, и директно врз платното, ученикот истура капки во разни бои. Во моментот кога капката боја паѓа во водата, веднаш настануваат движења. Тој толку се радуваше и во еден момент побара сок. Го истури врз платното, се доби една таква нијанса на боја, окерасто-жолтеникаво, нијанса која не можеме со палетата на бои да ја добиеме. Кога заврши со сокот одлучи дека е крај и ја извадивме надвор да се суши. Тоа беше најгенијално“, вели Ибрахим.

Тој додава дека за време на работилниците немаат класични предавања и паузи, туку учениците доаѓаат, менторите го претставуваат материјалот и тие почнуваат со творење.

„Треба да се најде моментот како да им се доближиме, како да им дадеме доверба дека со таа техника, тој/таа сѐ може, без сугерирање дека не се црта вака или онака. Не знаеме што се крие во него. Кај нас постои проблемот на јас и другиот. Не знаеме другиот што мака има или ние што мака имаме. Но, секогаш треба да се грижиме за оној кој е до мене. Не кој бил пред, или зад. Од 2011 сум на факултет, и со овие работилници се чувстувам најсреќен, најисполнет. Многу работи може да се научат само ако има љубов, кој е тој до мене и што можам да му пружам“, кажа Ибрахим.

Дефектологот и потпретседател на Македонското научно здружение за аутизам Ивана Василевска-Петровска (Фото: И. Василев)

Според дефектологот и потпретседател на Македонското научно здружение за аутизам Ивана Василевска-Петровска, учеството на лицата со аутизам во културниот живот е право, а не привилегија. Како дел од проектот, таа досега работеше на трите тематски активности наменети за деца со различни видови попреченост.

„Темите беа навистина широки и повеќеслојни, за да се остави слобода за индивидуално изразување и навистина секој да се пронајде во темата. На мое огромно задоволство, сите работилници беа особено успешни. Учениците покажаа огромен интерес, работеа навистина посветено, но во една опуштена, неформална атмосфера, каде што секој беше прифатен каков што е и беше слободен да ги изрази своите можеби скриени афинитети и секако да добие поддршка доколку му е потребна“, вели таа.

Боите во цртежот, вели таа, секако имаат свое значење кое го проучува психологијата на боите. Секоја боја има позитивно и негативно значење, на пример црвената може да означува љубов, страст, но и агресија и опасност. Во арт-терапијата, освен значењето на боите, при интерпретацијата на уметничкото дело арт-терапевтот исто така анализира каде се тие позиционирани и што е нацртано, односно што е претставено со одредена боја. Поставеноста на боите, длабочината на одбраните бои и варијацијата во истите исто така раскажуваат своја приказна.

Координаторката на ликовно-едукативниот проект „Уметност за сите“, кустосот Маја Димитрова (Фото: Национална галерија на Северна Македонија)

„Меѓутоа, толкување на уметничките дела не беше цел на работилниците. Според мене, вклучувањето на децата со попреченост во самиот процес на создавање уметност имаше за цел децата да ги искусат огромните придобивки од уметноста. Самите да се доживеат како креатори, способни и вреднувани за нивните способности, но и останатите да ги видат нивните силни страни и на овој начин да придонесеме кон промена на перцепциите за попреченоста во општеството“, вели Василевска-Петровска.

Таа кажува дека вредноста на уметноста, посебно креативните ликовни активности за децата со попреченост е огромна.

„Многу важна придобивка е можноста за изразување на невербален начин преку употребата на различни алатки и материјали. Ова, всушност, им овозможува на децата на визуелен начин да го искомуницираат сè она што едноставно не можат да го кажат. Исто така, ликовните активности се одличен начин за зајакнување на самодовербата и мотивацијата. Во уметноста нема грешки, па децата со посебни потреби се ослободени од грижата дека нивната изработка нема да биде доволно добра како на другите“, вели Василевска-Петровска.

Професорите Беди Ибрахим и Владимир Мартиновски сметаат дека државата треба да се погрижи и да создаде услови за уметничка едукација за лицата со попреченост (Фото: И. Василев))

Како дел од проектот „Уметност за сите“, се одржа и трибина на тема „Културолошка инклузија на лицата со попреченост“, на која учествуваше и професорот Владимир Мартиновски од Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

„Проектот ‘Уметност за сите’ на Националната галерија е светол пример дека уметноста ги слави разликите, дека уметноста е комуникација со себе и со другите и дека уметничкиот чин може да биде од огромна полза во социјализацијата и културолошката инклузија на лицата со посебни потреби. Мислам дека овој проект би можел, а и би требало да биде еден вид урнек за слични проекти и во другите уметности, но и за стратегија за препознавање, надградба, развој, поддршка и афирмација на уметничките потенцијали на децата и младите со посебни потреби. Нивната инклузија во културата е повеќе од потребна. Затоа, ја поддржувам и идејата за создавање услови за нивна уметничка едукација, преку посебни програми и курикулуми во рамките на основното, средното и високото образование“, вели Мартиновски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Б. НЕСТОРОСКА

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира