МОРА ДА СЕ ЗАБРЗА ВАКЦИНАЦИЈАТА ЗА МАЛИ СИПАНИЦИ ВОН СКОПЈЕ ОТИ ИНТЕНЗИТЕТОТ НА ЕПИДЕМИЈАТА СЀ УШТЕ Е ВИСОК

    МОРА ДА СЕ ЗАБРЗА ВАКЦИНАЦИЈАТА ЗА МАЛИ СИПАНИЦИ ВОН СКОПЈЕ ОТИ ИНТЕНЗИТЕТОТ НА ЕПИДЕМИЈАТА СЀ УШТЕ Е ВИСОКНајголем број од досега заболените се деца до 4 години, а меѓу нив најмногу бебиња (Фото: СДК.МК)

    Здравствените власти инсистираат да се забрза вакцинацијата со МРП (морбили, рубеола, паротит) на децата, особено кај оние под 4-годишна возраст кои живеат надвор од Скопје, бидејќи од вкупниот број заболени од почетокот на епидемијата досега најголем број од случаите се токму кај оваа возрасна група. Најмногу невакцинирани од нив се надвор од Скопје, вели епидемиологот Владимир Микиќ, член на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, која денеска одржа состанок за да ги сумира резултатите од засилените противепидемиски мерки откако минатата недела беше прогласена епидемија на мали сипаници на територија на цела држава.

    Од Минатата недела досега регистрирани се 95 новозаболени од мали сипаници, и според епидемиолозите емидемијата сѐ уште е со висок интензитет. Од почетокот на епидемијата во Скопје, која беше прогласена на почетокот на годината па досега, евидентирани се 1.175 заболени од мали сипаници.

    „Најмногу заболени од мали сипаници се деца на возраст од 4 годишна возраст, како и возрасните од групата од 30 до 39 години. Најголем број од заболените се деца под една година, односно од почетокот на епидемијата досега се евидентирани над 200 деца под една година “, вели д-р Микиќ.

    Тој рече дека со засилената вакцинација, која здравствените домови освен во диспанзерите ја спроведуваат и теренски оваа недела вакцинирани се 920 деца, од кои околу 700 се деца до 4-годишна возраст.

    „Инсистриаме да се засили вакцинацијата на децата кои се на предшколска возраст надвор од Скопје, бидејќи според нашите податоци, на возраст од 14 години надвор од Скопје има над 18.000 невакцинирани, додека во Скопје има уште 3.500 деца. На ова инсистираме, бидејќи 40 отсто од децата до 4-годишна возраст кои се разболеа од мали сипаници беа хоспитализирани, а кај 20 отсто имаше компликации. Овде најмногу имаше деца до едногодишна возраст, а потоа и поголемите до 4 години“, вели д-р Микиќ.

    Од засилените мерки за имунизација, старосната граница за вакцинација на децата беше спуштена од една година на шест месеци, и според д-р Микиќ оваа недела мал број родители ги вакцинирале децата на возраст над 6 месеци.

    „За жал, сѐ уште се оддржува високо ниво на зараза, и не очекуваме толку брзо да се намали се додека имаме волкав број на пријавени случаи. Затоа и апелираме сите да се вакцинираат“, вели Микиќ.

    Од почетокот на епидемијата досега вакцинирани се 21.168 деца до 14 годишна возраст, од кои во Скопје над 12 илјади, а во другите региони над 8 илјади.

    Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат д-р Ирина Сотирова-Бухова вели дека теренските контроли направени во Скопје и надвор од Скопје во градинките покажале дека таму нема невакцинирани деца. Таа вели дека повеќето од досега заболените деца не посетувале предучилишна установа.

    „Ако лани имавме над 170 пријави за родители кои одбиваат да ги вакцинираат децата, а до пред една недела 20 вакви пријави, во текот на вчерашниот ден добивме 300 пријави дека родителите одбиваат да ги вакцинираат децата. По празниците ќе ги провериме сите овие пријави и ќе ги повикаме родителите на порамнување да платат казна од 300 до 600 евра во денарска противредност, која е на половина ако се плати во првата недела или прекршочно да ги казниме. Но плаќањето казна не го амнестира родителот од обврската да го вакцинира детето, а овие казни се однесуваат само за една вакцина, односно за секоја не примена вакцина посебна е постапката за казнување“, вели д-р Сотирова-Бухова.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира