Годинава навремено ќе почне прскањето против комарци. Град Скопје за разлика од лани кога доцнеше тендерот и целата постапка за прскање, на 16 април склучи договорот со фирмата „Приматекс Бранка ДООЕЛ“, Центар за јавно здравје и Друштвото за воздушен транспорт „Аероклуб Скопје“ за прскање против комарци авионски и од земја.
Од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов велат дека годинава е почнато прскањето од земја против ларви од комарци, а првото авионско прскање против возрасни форми за комарци ќе се изврши кон средината на мај.
„Тендерските постапки се завршени. Минатата недела беше извршено првото прскање од земја против ларви од комарци, а очекуваме нареднава недела да се спроведе и првото авионско прскање против ларви. По нив следуваат прскањата против возрасни форми за комарци, а истото ќе се проведе кон средината на месецот, кога ќе се создадат поволни услови за средствата да имаат максимален ефект“, велат од Град Скопје.
Лани прскањето против комарци почна со еден месец задоцнување односно наместо на почетокот на јуни со авионско прскање се почна на 3 јули. Тогаш од кабинетот на Шилегов рекоа дека имале индиции дека средството кое се користи е штетно, па затоа нарачале да се направи анализа и испитување.
Поради доцнењето во Скопје лани имаше масовна појава на комарци.
А. АНТЕВСКА